Култура Театар

Премиера на „Пепелашка“ во Театарот за деца и младинци

440

Надежта дека љубовта доаѓа, вербата која секој ден ја чека среќата, тоа се победниците во нашата „Пепелашка“ - вели кретивниот тим на претставата.

Утре (среда, 22 јуни) во 19.00 часот во Театарот за деца и младинци во Скопје премиерно ќе биде изведена претставата „Пепелашка“, работена по Шарл Перо, Браќата Грим и мотиви од некогашната адаптација на Дизни. Драматизацијата е на Горјан Милошевски, а режијата на Деан Дамјановски.

Тоа е претстава за двајца зрели сонувачи: од една страна, Пепелашка, која не може да се помири со потребата за богатство кај Маќеата и полусестрите Анастасија и Дризела. А од друга, Принцот кој сака сам да ја избере својата жена, наспроти традиционалните погледи на својот татко- Кралот. И двајцата силно мечтаат за вистинската љубов која на крајот и ќе ја најдат - велат од Театарот за деца и младинци.

Претставата се базира врз авторскиот поглед на младиот драмски автор Горјан Милошевски , изведен според режисерската визија на Деан Дамјановски и надограден со актерската игра на Наташа Петровиќ (како Пепелашка) и Ненад Митевски (како Принцот), понатаму, Катерина Илиевска- Силјановска (Маќеата), Симона Спировска (Анастасија), Емра Куртишова (Дризела), Мартин Јорданоски (слугата Меклелеј), Бојан Кирковски(глушецот Попс), Владимир Лазовски (Кралот), Ана Левајковиќ (самовилата Мирабел), Марија Ѓорѓијоска (глувчицата Бабл) и Мики Анчевски (песот Бакстер). За автентичноста на претставата огромен придонес имаат и раскошните костими на Елена Дончева, сценографски асоцијативната визија на Кирил Василев, авторската музика на Сашко Костов, како и разиграната кореографија на Кренаре Невзати. Ликовите на Пепелашка која не губи верба, Принцот кој не престанува да ја бара вистинската љубов, злобната Маќеа, двете полусестри кои луто се караат која е поубава,Кралот кој сака само да го жени принцот, расеаната, добра и весела Самовила, несмасните и симпатични животни и еден Слуга кој прави глупост само што ќе мрдне со малото прсте, влетуваат во брз сплет на смешни, стрмоглави и неизвесни случки со среќен крај.

Премиерата на „Пепелашка“ е во рамките на Скопско лето.