Спорт Ракомет

Најтежок испит во СЕХА: Вардар без Канељас на дуелот со Веспрем

971

Можеби завршија со настапите во Лигата на шампионите за оваа календарска година, но за ракометарите на Вардар дефинитивно нема одмор. Само два дена по пеколниот дуел со Кјелце во ЛШ избраниците на Раул Гонзалес денеска (18 часот) го играат и својот најтежок натпревар во рамките од СЕХА, гостувањето против актуелниот шампион Веспрем.

Вардар на мегдан со Веспрем ќе биде без левиот бек Хоан Канељас кој има повреда на стапалото по дуелот со Кијелце. На денешниот натпревар нема да настапи и Абутовиќ поради повреда на дланката.

Унгарскиот гигант досега има седум победи и само еден пораз (во Скопје од Вардар) во регионалното натпреварување, па јасно е дека избраниците на Сабате ќе сторат се за да им се реваншираат на „црвено-црните“ за неуспехот во СЦ „Јане Сандански“ на стартот од сезонава.

„И двата тима имавме тешки мечеви изминатиот викенд. Мораме да му се одмаздиме на Вардар за поразот во Скопје и да продолжиме да прикажуваме добри игри на домашен терен. Работиме напорно за да напредуваме во играта и се надевам дека резултатите од таа работа ќе бидат видливи на дуелот со Вардар“ – изјави Петер Гулијаш.

Македонскиот шампион ја почна сезоната со реми на домашен терен против Брест Мешков, по што нанижа десет победи по ред. Сепак, „црвено-црните“ се свесни дека најголемиот предизвик во регуларниот дел од сезонава ги очекува токму денеска.

„Очекувам добар и интересен натпревар. Ние сме на прво место и сакаме да го одбраниме. На секој меч одиме на победиме, без оглед на ривалот и одиме да дадеме се од себе. Добрата низа во СЕХА лигата сакаме да продолжи и против Веспрем” – изјави Игор Карачиќ.