Спорт Ракомет

Рајн Некар Левен загуби кај Магдебург, Манасков стрелец на четири гола

939

„Лавовите“ од Манхајм се покажаа како инфериорен противник на гостувањето кај Магдебург од каде ќе се вратат со пораз, втор за нив во досегашниот тек на сезоната во германската ракометна Бундеслига. Рајн Некар Левен ја завршува оваа календарска година на второто место на табелата, зад Фленсбург кој има и еден натпревар помалку.

Ракометарите на Рајн Некар Левен не можеа да се носат со расположениот домаќин кој успеа од стартот на натпреварот да наметне свое темпо и да го одржи сè до крајот. На полувремето домашниот состав имаше разлика од пет гола (20-15) кои се покажаа како сосема доволни за опуштен пристап кон играта во вториот дел од натпреварот. Магдебург славеше со конечни 35-32 нанесувајќи му го вториот пораз во оваа календарска година на гостинот од Манхајм.

Дејан Манасков конечно доби шанса за да ги демонстрира своите квалитети. Откако мина неколку натпревари на клупата, репрезентативното десно крило не само што настапи, туку постигна и четири погодоци (три од поле, еден од седум метри).

За Манасков и Рајн Некар Левен ова е последниот натпревар во 2016 година. Следи репрезентативнта пауза поради Светското првенство што во јануари ќе се одржи во Франција, а следен натпревар кој Манасков со својот клуб ќе го одигра во Бундеслигата е закажан за 15. февруари на гости кај Хановер.