Останато Спорт

Мице Шилегов - од „гордост бутелска“ и втора опција, до херој на Македонија

6642

Младинската ракометна репрезентација на Македонија ќе игра на Светското првенство (СП) кое летоска ќе се одржи во Алжир. Ракометарите со тешка мака, пот, крв и труд обезбедија пласман на ракометниот Мундијал, а едно од имињата кое изненади во црвено-жолтиот дрес е младиот Мице Шилегов, ракометарот кој „експлодира“ и буквално ја водеше Македонија до големиот пласман на репрезентативниот собир.

Членот на Металург со само 18 години на списокот беше „втора опција“, поради Томислав Јагуриновски, но сепак, откако неговиот репрезентативен колега заработи повреда на главата, Шилегов се наметна кај селекторот како прва опција. Довербата од Ико Темелковски тој комплетно ја оправда и со вкупно 23 гола беше најдобар стрелец на нашата земја на квалификацискиот турнир во Скопје.

Шилегов одлично се вклопи во тимот и на последниот квалификациски меч против Турција постигна десет гола, додека на дуелот против Полска во првото коло блесна на паркетот и со вкупно 11 гола го носеше нашиот национален состав до голем триумф над фаворитот на хартија. Против Португалија, пак, Шилегов постигна само два гола од вкупно четири обида, но на споменатиот дуел изданието на целиот наш тим беше недоволно добро, а на мечот херој беше голманот Мартин Томовски кој со 11 интервенции, од кои осум во второто полувреме, не спаси од пораз.

Десното крило на Македонија одличното издание на турнирот го заокружи и со еден од најубавите голови во квалификациите за СП 2017 - цепелин, по асистенција на капитенот Филип Талески. „Бутелската гордост“, како што стоеше на транспарентот на дуелот против Турците, доби аплауз и овации од целата нација, па да се надеваме дека на Светското првенство во Алжир уште еднаш на сличен начин ќе ја радува нашата Македонија, на која ѝ го посвети успехот по пласманот на ракометниот Мундијал.

Извор: гол.мк