Спорт Ракомет

Стоилов: Нема предавање, ќе играме машки

506

Македонските ракометари попладнево го одработеа вториот тренинг во Мец, прв во „Мец Арена“ во која од утре стартуваат натпреварите од Б групата на 25.Светско првенство. Петтиот настап на ракометните мундијали, македонската репрезентација го почнува утре (17.45 ч.) со дуелот против селекцијата на Тунис, стар должник од ланските олимписки квалификации.  Токму тој меч и поразот во Гдањск е мотив повеќе за македонските ракометари овој пат да се одигра „машки“, најавува Стојанче Стоилов.

„Мислам дека сме подготвени, ќе дадеме се од себе. Има доста дебитанти на ова СП, но базата е иста, принципот е сличен, има добра атмосфера, добро се чувствуваме. Да не кажуваме сега што како ќе биде, да го оставиме тоа за после натпревар. Тунис ни се должници, последниот натпревар против нив во олимписките квалификации не помина како што се надевавме, се надевам дека ќе се одмаздиме за тој натпревар и нема да разочараме. Искуството од тој натпревар може да биде само плус за нас. Тогаш изгледавме навистина многу лошо. Не сакаме тоа да се повтори и максимално мотивирани влегуваме во оваа нова пресметка со Тунис. Влегуваме без притисок, без набој, досега се оди како што треба, немаше повредени, што е најбитно. Младите добро се вклопија, секој си ја врши работата, добро функционираме како тим“ – вели Стојанче Стоилов.

Пикерот на македонската репрезентација нагласува дека на ова СП доаѓаме со помала еуфорија, но со голема борбеност и дека нема предавање.

„Досега секогаш на овие големи натпреварувања одевеме некако поеуфорично, сме влегувале со поглеми очекувања. Сакам сега да играме, да одиграме максимално борбено и да покажеме дека сме дојдени тука да играме ракомет. Нема предавање на никој и тоа е тоа“ – вели Стоилов.

Покрај Македонија и Тунис, во Б групата во Мец се уште и селекциите на Шпанија, Словенија, Исланд и Ангола. Пласман во осминафиналето обезбедуваат првиуте четири репрезентации од секоја група.