Од денеска извршителите не може да ве блокираат без известување

Од денеска почнува примената на новиот Закон за извршување, кој носи поволности за доверителите, должниците и за извршителите, а пред се за ранливите категории граѓани.

Во Законот се предвидува за неплатени комунални сметки извршителот да не смее да блокира без претходно да го извести граѓанинот дека постои некој долг и да побара од него да предложи начин на кој ќе се сервисира долгот. Исто така, воведувањето на вонсудската наплата е поволен момент кој ќе овозможи пред почетокот на каква било постапка граѓанинот да го сервисира својот долг без поголеми трошоци.

Со вонсудската наплата, како што појаснуваат од Комората на извршители на Република Македонија (КИРМ), ќе се решаваат оние предмети што не го надминуваат утврдениот паричен лимит и тоа за комуналните сметки за струја, парно и вода до 6.000 денари и за телефон, кабелска и одржување на зграда до 2.000 денари. Тоа ќе значи дека доверителот пред да почне каква било постапка за тужење, со покана прво ќе се обрати до должникот, каде што ќе го повика да го плати долгот во рок од 15 дена. Ако долгот се плати во предвидениот рок, должникот нема да има никакви, односно ќе има занемарливи трошоци.

Досега за неплатена сметка од 3.000 денари, сумата која требаше да ја плати должникот некогаш можеше да достигне и до 16.000 денари, од кои за камати и судски такси одеа околу 1.100 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 8.000 до 9.000 денари, а извршителот наплаќа 2.500 денари.

Со новиот Закон тоа ќе се исклучи, но само ако долгот се плати во предвидениот рок. Ова значи за неплатена сметка за вода од 3.000 денари должникот преку извршителот ќе го плати долгот зголемен за занемарливи трошоци и камата што нема да бидат поголеми од 5 до 10 отсто од самиот долг. Но, ако по истекот на рокот не ја плати сумата што ја должи, повторно се оди на постапка на тужење, која неколкукратно ќе ги зголеми трошоците, појаснуваат од КИРМ.

Новина во Законот е и тоа што нема веднаш да се пристапи кон блокирање на сметка. Задолжително ќе биде предупредување пред присилно извршување. Досега граѓаните најмногу реагираа дека не биле предупредени и воопшто не знаеле дека против нив се води некаква постапка. Напротив, кога ќе видеа дека сметката им е блокирана, се информираа каде и за што се тужени. Подоцна за деблокирање на сметката на банката мораа да и платат од 1.000 до 1.500 денари, во зависност од тоа која банка го извршила блокирањето.

Според Комората, најважен момент е електронското поврзување на извршителите со сите институции од каде ќе се добиваат бесплатни податоци со што ќе се намалат трошоците.

Извршителите во Македонија во првите девет месеци од 2016 година примиле 134.740 барања за извршување, реализирале 28,40 отсто или 38.266, а вкупниот износ на наплата од извршување е 75.715.471 евра, што е 2 милиони евра помалку од минатата година.

ДУИ денес ќе решава дали ќе влезе во владата

Претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) вчера ја прифатила верзијата за употребата на албанскиот јазик, а, како што изјавија претставници на партијата, приближени се ставовите со СДСМ.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи по завршување на седницата изјави дека едногласно е дадена согласност за предлог-текстот за албанскиот јазик.

– Претседателството на ДУИ ги исцрпи сите аргументи во однос на законот за јазикот, и на крај едногласно даде согласност за текстот на овој закон. Го завршивме овој дел од дебатата и утре ќе почнеме со останатите делови за можната хармонизација на една заедничка платформа за заедничко владеење, рече Османи.

Тој додаде дека има уште прашања што треба да се дискутираат, но оти значајно е дека е заокружена една значајна фаза.

– Има прашања кои треба да се дискутираат, евентуално за хармонизација на платформите, за начинот на заемната поддршка. Исто така има и други теми, кои ќе се отворат во петок. Значајно е дека денес заокруживме една значајна фаза од овој процес, рече Османи.

По состанокот Рафиз Алити посочи дека предлог-законот „може да не е совршен“, но оти Претседателството дало согласност да се оди понатаму со СДСМ.

– Начелно го поддржавме предлог-законот за употреба на јазиците. Останува претседателот со преговарачката екипа да се сретнат со претставниците на СДСМ, изјави Алити.

Во петок се очекува да се одржи седница на Претседателството на ДУИ на која би се разговарало за тоа која опција е прифатлива за оваа партија.

Сончево и топло, ново заладување во текот на викендот

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност и со умерен, во западните делови повремено засилен јужен ветер. Kон крајот на денот oблачноста ќе се зголемува.

Утринските температури ќе се движат од -2 до 3 степени, додека дневните ќе бидат во интервал од 11 до 21 степен.

Во Скопје и околината слично време со утринска температура околу 0 и дневна до 16 степени.

Во текот на ноќта кон сабота и во сабота преку нашето подрачје ќе помине влажен и постуден бран кој ќе услови зголемување на облачноста и повремени врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Повеќе врнежи се очекуваат во западните и северните делови. Во сабота од север ќе се прошири повремено засилен северен ветер. Дневните температури за викендот ќе опаднат за 6 до 9 степени.

Дневен хороскоп (02.24.2017) Петок

Овен (21.03 – 20.04)

Денес ќе почувствувате огромно олеснување по споделувањето на долго чувана тајна. Дозволете си да бидете поотворени пред личностите кои ги нарекувате доверливи.Известувајте ги луѓето за вашите планови предвреме, за да испадне сè како што вие сакате.

Бик (21.04 – 21.05)

Семејните прашања и околности се во центарот на вашиот интерес и анализа. Средете ги сите неопходни работи за да бидете подготвени за вашето летување. Кај некои од вас се појавува лепеза од емоции и потреба за подлабоко емотивно исполнување. Слободните Бикови ќе имаат различни можности за нова врска.

Близнаци (22.05 – 22.06)

Прилично сте активни и зафатени. Кратки патувања, контакти со луѓе, блиц средби, чести излегувања – од една страна ве исполнува, а од друга – сфаќате дека сето тоа е површно и не успева да ги задоволи вашите длабоки копнежи. Некои од вас се насочени кон читање и учење.

Рак (22.06 – 22.07)

Многу подобро ќе се чувствувате ако зборувате од срце и со страст, дури и тоа да значи дека ќе треба да се соочите со многу противници. Подобро тоа, отколку да продавате лажна насмевка и принудно да климате со главата, само и само за да бидете прифатени од мнозинството.Цврсто бранете ги вашите ставови и верувања, колку и непопуларни да се тие.

Лав (23.07 – 22.08)

Доколку сте доволно искрени, потребно е да ја преземете одговорноста за вашите постапки. Докажете си на себе и на другите дека можете да ги исполните дадените ветувања. Денес препорачливо ви е да избегнувате премногу напорни или стресни ситуации.

Девица (23.08 – 22.09)

И покрај вашите желби за одмор и релаксација, време е да се освестите дека вашите обврски стојат, и потребно е да почнете да ги реализирате. Направете баланс помеѓу пријателите и вашата врска. Одвојте време и за двете страни.

Вага (23.09 – 22.10)

Зграпчете ја секоја можност за патување или за понатамошно образование, затоа што имате потреба да го продлабочите вашето животно искуство. Се впуштате во различни дискусии и длабински ги анализирате работите од општествен карактер. Со леснотија ќе успеете да ги прифатите туѓите гледни точки.

Шкорпија (23.10 – 21.11)

Дозволете да ве понесе романтикатата и препуштете се на страстите. Подгответе му вкусна вечера на вашиот парнер, а тој ќе биде изненаден од оваа позитивна промена. На професионално поле, денеска ќе имате можност да забележите успех.

Стрелец (22.11 – 21.12)

Дозволете да ве понесе романтикатата и препуштете се на страстите. Подгответе му вкусна вечера на вашиот парнер, а тој ќе биде изненаден од оваа позитивна промена. На професионално поле, денеска ќе имате можност да забележите успех.

Јарец (22.12 – 20.01)

Бидете внимателни кога го бирате вашиот љубовен партнер, бидејќи не секој е она што мислите. Не прифаќајте сомнителен професионален предлог. Зачувајте ги за себе своите креативни идеи, бидејќи наскоро ќе имате можност да ги покажете во јавност.

Водолија (21.01 – 19.02)

Денес нема да бидете доследни во однос на вашите обврски (на работа или дома). Ќе бидете загрижени за вашата здравствена ситуација и ќе барате начини како да го задржите здравјето и да ја засилите енергијата. Потрудете се да ги почитувате сите ваши потреби и избегнувајте го синдромот на жртва.

Риби (20.02 – 20.03)

Денес не препуштајте ништо на случајноста. Обидете се да ја испланирате секоја минута од денот, бидејќи чувството на неизвесност ќе ве полудува повеќе отсекогаш. Потрагата по задоволство може да ве одведе на некој културен настан или приватна забава.

Популарно

Твитови