Децата од Лисиче да ја проверат крвта за присуство на тешки метали

Изминативе неколку денови измерените вредности на ПМ10 честичките се за седум до осумпати над дозволеното ниво во сите скопски општини.

Скопјани се гушат. Изминативе неколку дена измерените вредности на ПМ10 честичките се за седум до осум пати над дозволеното ниво во сите скопски општини. Сепак, принудени да вдишуваат чад се најмногу жителите на Лисиче, Центар и Карпош, а во последно време загадувањето расте и во Гази Баба. На стартот на грејната сезона, како никогаш досега, мерните станици бележат високо ниво на загаденост, а скопјани се жалат и на миризбата во воздухот која ги принудува да останат затворени во своите домови.

Граѓаните на Скопје, од сезона во сезона, се сè погласни, но и пореволтирани за ваквата состојба за чиешто решавање бараат итни и конкретни мерки од страна на надлежните институции. На социјалните мрежи има голем број групи граѓани кои коментираат и разменуваат мислења за нивото на загаденост на воздухот.

„Предлагам итно организирање на масовен протест, здравјето не може да чека! Ова станува неподносливо!“, „ Нека рушат згради покрај Вардар и нека садат дрвја“, „Дајте нешто да преземеме, секое утро и доцна навечер Аеродром смрди на тешки киселини… Неподносливо е! Нè трујат и ние си молчиме…“, се само дел од коментарите на фејсбук-страната на групата „Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче – Воздух сега!“.

За да се изнајде решение за намалување на загаденоста на воздухот во Аеродром, градоначалникот на оваа општина, Златко Марин, вчера оствари средба со претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“.

На средбата се дискутирало за интервентните мерки, кои општината треба да ги преземе во насока на намалување на загадувањето.

Да се сменат ДУП-овите

Од Граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“ велат дека на средбата се дискутирало околу новиот општински буџет за 2018 и како сериозен дел од него да се адаптира за прашањата за чист воздух и здрава животна средина.

Во барањата доставени до градоначалникот на Општина Аеродром стои дека мора да се направи измена на ДУП-овите и да се изврши запишување на зелените појаси во општината.

Овие урбани зелени површини кои активно се користат како парк и како зелена целина повеќе од 35 години, а дури и некои од нив да се во приватна сопственост, не смеат да се намалат или да се формираат бариери со изградба на нови станбени блокови, катни гаражи или трговски центри.

Понатаму, од Граѓанската иницијатива бараат забрана за изградба на објекти за тешка и загадувачка индустрија, отстранување на дивите населби покрај Вардар, набавка на мобилни мерачи за полесно идентификување и лоцирање на изворите на загадување. Од граѓанската иницијатива бараат и редовни контроли и меѓуопштинска соработка за спречување на спалувањето на дивите депонии покрај Вардар. „Бараме носење итна одлука за неодложно испитување на HCH-изомери во крвта на жителите на Аеродром, со особен акцент кај децата во Горно и Долно Лисиче и други населени места во близина на ОХИС, во тесна соработка со Министерството за Здравство и Институтот за Јавно Здравје.

Испитување на тешки метали, HCH-изомери и други загадувачки супстанции во почвата на територија на Општина Аеродром во подземните води и бунари, првенствено во Лисиче, за присуство на загадувачки супстанции со потекло од ОХИС, стои во барањето на Граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“ доставено до градоначалникот Марин.

За загадениот воздух не постои граници

Од Граѓанската иницијатива велат дека мора да постои и меѓуопштинска соработка затоа што, како што велат, загадениот воздух не познава граници.

– Се надеваме дека примерот за отворена соработка на градоначалникот на Аеродром со граѓаните и граѓанските иницијативи, ќе го следат и останатите новоизбрани градоначалници, особено во критичните општини како Карпош, Кисела Вода, Центар, Скопје. Проблемот со загадувањето е многу сериозен и нема можност за чекање, мора да се делува веднаш. Ние како граѓанска иницијатива, која во фокусот го имаме чистиот воздух, доставивме пакет на мерки, кои се итни, краткорочни и долгорочни, и до Владата и до Министерството за животна средина, како и до загрозените општини. Очекуваме од сите нив, сериозно да го сфатат проблемот и веднаш да почнат со негово решавање – велат од Граѓанската иницијатива „Стоп на загадувањето“.

Од Општината Аеродром, пак, информираат дека буџетот кој го подготвуваат за 2018 година ќе предвидува 20 пати повеќе средства за животна околина од буџетите во изминатите години.

– До 15 ноември ќе имаме прецизна сума колку ќе издвои точно општината и според тој буџет ќе се изберат најефикасните мерки за подобрување на состојбата со загадениот воздух. Според нашите процени, околу 10.000 домаќинства се греат на дрва. Токму овие домаќинства ќе бидат предмет на анализа и поддршка во претстојниот период. Важно е да се напомене дека сите општини координирано ќе мора да работат и да ги имплементираат мерките за ефектот да го почувствуваат сите граѓани – велат од Општина Аеродром.

извор- слободенпечат.мк

Истражување: Луѓето можат да умрат ако изгубат волја за живеење

Постои медицински документиран, но малку разбран феномен каде што личноста која изгубила желба за живот навистина умира, без никаква друга причина. Состојбата прв пат бил опишана кај американските војници и војниците од Јужна Кореја кои биле воени затвореници за време на Корејската војна. Подоцна, истата состојба била забележана и кај воените затвореници од Виетнамската војна, луѓе што преживеале бродолом и наводно често се појавувала и во нацистичките концентрациони логори.

Познато за овој феномен е дека се појавува за време на психолошки трауматична ситуација која наводно е неизбежна. Личноста што страда одговара на овие безнадежни услови со екстремна апатија и се повлекува од животот околу неа.

Но, претходните набљудувања покажале дека смртта од овој феномен не е неизбежна. Луѓето закрепнале од состојби идентични на овие откако некој или нешто ги убедило да се вратат во реалноста.

По разгледување многу историски и модерни извештаи, истражувачот доктор Џон Лич од Универзитетот во Портсмаут заклучил дека овој феномен веројатно постои од многу порано отколку што се мислело. Некои случаи датираат уште од 1600-тите, а помодерните извештаи за смртта на постари лица и пациенти во болница ги набројуваат истите особини.

Обидувајќи се подобро да го разбере овој феномен, Џон дефинирал 5 фази низ кои минуваат луѓето во оваа состојба.

„Психогената смрт е реална. Не е самоубиство, не е поврзана со депресија, но самото откажување од животот и умирање по неколку денови е многу реална состојба, често поврзана со тешка траума“, изјавил Џон.

Наводно, луѓето во оваа состојба ја гледаат смртта како најдобар механизам за справување за неподносливиот стрес од нивната ситуација.

Првата фаза, социјалното повлекување, е честа кај луѓето кои страдаат од тешка траума, но во случајот на овој феномен може да се претвори во втората фаза – апатија. Џон го опишал овој вид апатија како меланхолија поразлична од гневот, тагата или фрустрацијата. Во оваа фаза личноста најверојатно ќе престане да ја одржува и личната хигиена. Во третата фаза, абулија, апатијата се засилува сè додека личноста не изгуби интерес и за секојдневни обврски, како јадење, па дури и зборување.

„Интересно е што во оваа фаза изгледа како да постои празен ум. Луѓето кои биле во оваа фаза и закрепнале ја опишуваат како состојба во која немале никакви мисли. Во оваа фаза личноста изгубила секаква мотивација.“

Четвртата фаза, психичка акинезија, е карактеризирана со губење на одговорот на каков било физички стимул, дури и силна болка. На крај, доколку не се преземе ништо, личноста продолжува кон петтата фаза – смрт.

„Во последната фаза личноста може дури и да лежи во своите секрети и ништо, ни предупредување, ни тепање, ни молење не може да ја натера да посака да живее.“

Џон верува дека промената во неколку поврзани делови од мозокот е можеби одговорна за патологијата на овој феномен. Овие делови од мозокот се вклучени во мотивацијата и желбата за постигнување цели, а недостатокот од допамин во овие региони може да предизвика лично апатично однесување.

Доаѓа сезоната на грипот: Што сè треба да знаете?

Вирусот може да инфицира секого, но оние со слаб имунитет (младите и старите луѓе и оние кои веќе страдаат од некоја болест) се изложени на поголем ризик од опасните последици од грипот. Бидејќи доаѓа уште една сезона на грипот, не е чудно што родителите и децата се подготвуваат за најлошото. Па, погледнете како да останете здрави оваа сезона.

Лекарите и експертите не можат да ја предвидат сериозноста на грипот

Иако лекарите и истражувачите го даваат најдоброто од себе за да го разберат грипот, тој е различен секоја сезона. Вакцините не секогаш работат како што треба, а поради ова некои сезони на грип се значително потешки од други. Покрај тоа, бебињата и постарите лица се најизложени на ризик бидејќи нивните имунитети се послаби. Сепак, не може да се предвиде како ќе реагира нечие тело. Поради ова важно е да преземете одредени мерки во сезоната на грипот, без разлика колку здрави сметате дека сте.

Вакцинирајте се што е можно побрзо

Ова најмногу важи за луѓето со послаб имунитет и оние кои можеби се поизложени на вирусот од другите. Вакцинирањето веднаш откако вакцината ќе стане достапна е најдобриот начин да се заштитите од вирусот. Штом ќе се вакцинирате, на антителата што ќе се развијат можат да им бидат потребни и до 4 недели за целосно да ве заштитат. Вакцинирањето пред почетокот на сезоната на грипот ќе ве заштити многу повеќе.

Бидете внимателни да не „закачите“ несакани микроби

Потребно е да следите некои правила за да го спречите вирусот. Секогаш мијте ги рацете пред да јадете и секогаш кога ќе се вратите дома. Децата нека не пијат вода од фонтани на училиште бидејќи овие места се дом на многу микроби. Никогаш немојте да делите храна и пијалаци со семејството или пријателите и научете ги вашите деца да го прават истото. Носете антибактериско средство за чистење на рацете во случај да дојдете во контакт со некој болен. Можеби овие мерки ви изгледаат екстремни, но подобро е да бидете безбедни навреме. Вакцините не се секогаш 100% ефективни, па можеби токму овие мерки ќе ве спасат.

Ако се разболите, дајте си време за оздравување

Немојте веднаш да се вратите на работа или училиште откако ќе ви помине грипот. Вирусот може да биде премногу за телото, па потребно му е повеќе време за закрепнување. Покрај тоа ако се вратите прерано на работа или училиште можно е вирусот да не е целосно отстранет, а со ова ризикувате да заразите некој друг. Вирусот е заразен околу еден ден пред да се појават симптомите и една недела откако ќе започнат, па дајте си доволно време за оздравување. Вашето тело и луѓето околу вас ќе ви бидат благодарни.

7 совети и идеи за негување на креативноста на вашето дете

Во денешниот натпреварувачки свет, колку повеќе вештини имаат луѓето, толку се поуспешни. Како родител, ваша обврска е да му овозможите целосен развој на детето и да не го ограничите само на знаење од книги. Развивањето на креативноста и самодовербата е исто толку важно колку и учењето. Па, погледнете како да ја поттикнете и негувате креативноста на вашето дете.

1. Играчки

Од детска перспектива, играњето е една од најважните активности. Играњето ги мотивира и ги поттикнува да поставуваат повеќе прашања. Според експертите за детска психологија, повеќето играчки го тераат детето да следи одреден пат наместо само да истражува. Но играчките како коцки, топчиња, глина и боички му даваат на детето можност за истражување.

Електронските направи и играчки им кажуваат на децата кој е следниот чекор и веќе го знаат резултатот. Колку лесно и модерно да изгледаат, овие направи го „убиваат“ мисловниот процес на детето. Па, наместо да трошите пари за скапи електронски направи, дозволете му на детето да си игра во природа и самото да се вклучува во нешто.

2. Направете го опкружувањето креативно

Креативната атмосфера е клучна за детската креативност. Иновацијата и креативноста се нешта што не можат да бидат присилени. Можете да ги покриете ѕидовите од детската соба со разни уметнички дела и симболи.

3. Разни стимули

Многу родители имаат навика да ги наградуваат нивните деца откако ќе постигнат нешто. Иако ова можеби ќе го мотивира детето, овие материјални стимули го попречуваат креативното размислување и ги намалуваат квалитетот на нивните одговори и флексибилноста на нивните мисли. Наместо да се обидувате да ги мотивирате децата со награди, дозволете им да се вклучат во активности за кои самите ќе се мотивираат. Доволно е да им кажете неколку охрабрувачки зборови.

4. Дајте им слобода за истражување

Постојаното проверување на децата може да биде фатално за нивната креативност. Потребно е да им дадете одредена слобода за нивниот мозок да може да се развие. Постојаната грижа за детето нема да му помогне да порасне во одговорна возрасна личност. Надворешните забрани можат да ја намалат флексибилноста во размислувањето и моќта за рационални одлуки.

5. Ограничете им го времето поминато со екран

И животниот стил на семејството одредува колку ќе се развие креативноста на детето. Кога на детето ќе му го ограничите времето што го минува пред екран, ќе направите простор за покреативни активности како слушање музика, танцување, играње надвор, цртање и слично.

6. Одговарајте на нивните прашања

Детскиот ум е како сунѓер и впива сè. Често децата одново и одново поставуваат исти прашања. Ова однесување може да ги иритира возрасните, но не само што треба да им одговарате на сите прашања, туку треба и да ги мотивирате повеќе да ве прашуваат. На овој начин детето ќе научи да го набљудува неговото опкружување и да ја развие неговата моќ за размислување.

7. Активности на отворено

Кога станува збор за развивање на креативната страна, природата може да понуди многу. Таа е динамична променлива и нуди цел спектар можности за креативно размислување. Природата ги инспирира децата да размислуваат, претпоставуваат, истражуваат и да развијат иновативен мозок. Децата можат да цртаат во песок, да собираат камчиња, да градат тврдини со гранки…

Најчитани

Твитови