Како да препознаете расипана храна и топлотен удар кај животните

Агенцијата за храна и ветеринарство излезе со препораки за безбедно кинзумирање на храната на прагот од летото кога со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Високите температури се, додава, се потенцијална опасност и за здравјето на животните доколку за нив, навреме не се преземат мерки за обезбедување на доволни количини храна и вода за пиење.

За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување на храната. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди, наведуваат од АХВ.

Особено во услови на високи температури, се препорачува да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.

За да се спречи расипување, разладената храна, се посочува, треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по подготвувањето, храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање. За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќе пати во текот на подготовката. На најгорните полици во фрижидерот треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодари кои храната може да ја контаминираат. Домашните миленичиња и другите животни да се внимава да не дојдат во контакт со храната што се подготвува.

Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.

Доколку сметате дека храната не е безбедна, не ризикувајте – фрлете ја, советуваат од АХВ.

Топлотен удар кај животните

Порастот на температурите над 30 степени Целзиусови за секое животно претставува голем стрес кој може да се манифестира со намалено консумирање на храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст.

Висок процент влага и недоволна вентилација во објектите може да биде причина за појава на топлотен удар кај животните, а сончаницата се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сонце. Во двата случаи исходот може да биде фатален доколку не се делува на време. Напорната работа или транспортот на животните при високи температури, дополнително придонесува за влошување на состојбата.

Забрзано и плитко дишење, несигурен од – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција.

Во вакви услови животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде има доволно количество на воздух, да му се даде доволна количина свежа вода. Телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода, или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.

Сопствениците на домашни миленици, како што се посочува, мора да се придржуваат на неколку правила за да спречат несакани последици од топлотен удар. Милениците да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да се избегнуваат прошетки на домашните миленици во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода, да се обезбеди престој во проветрени простории.

За да се обезбедат соодветни услови за животните при високи температури потребно е да се внимава и на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има настрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерните часови, периоди кога треба да се организира транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски, стои во соопштениоето од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Невремето искрши автомобили во Крива Паланка (ВИДЕО)

Невремето кое вчера беснееше во Крива Паланка попладнето, направи голема штета.

Пукнати ветробрански стакла, оштетени објекти се само дел последиците, кои се гледаат во видеото од невремето постирано на сајтот на Курир.

Невремето се случи додека цела Македонија беше во жолта фаза.

Убиство го потресе Скопјe: Семејна драма заврши трагично

Скопјанка била убиена вчера вечер во скопската населба Шуто Оризари, објави 24 Инфо.

Убиството се случило околу 22 часот и 30 минути кога 31-годишната жена настрадала сакајќи да спречи тепачка меѓу двајца братучеди. Тие почнале расправија додека седеле и пиеле во дворот на едниот од нив, па едниот се вратил со нож, а сопругата на едниот од братучедите се обидела да ги смири и раздвои., но во хаосто таа била прободена.
Од МВР го потврдија убиството, а детали денеска.

За една недела 70 нови случаи на морбили

Министерството за здравство информира дека во текот на изминатава недела се регистрирани 70 нови случаи на мали сипаници што е за 17 случаи помалку во однос на претходната недела.

На Клиниката за инфективни болести се лекуваат вкупно 14 пациенти, од кои 12 возрасни и две деца. На одделот за интензивна нега продолжува лекувањето на 16-годишната пациентка со церебрална парализа и ЕPI по морбили и масивна пневмонија.

Кумулативно од почетокот на епидемијата во декември 2018, досега, во нашата држава се регистрирани 1.891 случај на мали сипаници со инциденца од 91,4 на 100.000 жители.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата, пак, изнесува 29.857. Од нив, 15.250 деца се вакцинирани на територија на градот Скопје, додека пак, во останатиот дел од државата вакцинирани се 14.607 деца.

„Родители ја препознаа важноста за навремено вакцинирање на децата. Не постои друга поефективна медицинска технологија што го заштитила и го унапредила човековото здравје како вакцинацијата. Таа е единствената мерка за заштита од мали сипаници“, велат од МЗ.

Во извештајот на Европската Комисија се вели дека Министерството за здравство презеде чекори за контрола на ситуацијата со епидемијата, преку директна вакцинација во училиштата и детските градинки и со започнување на голема кампања за вакцинација.

„Само со стапка на вакцинација од над 95 отсто од населението, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширење на вирусот меѓу популацијата. Сите деца што се невакцинирани, за да се заштитат од заболувањето, треба веднаш да се вакцинираат“ велат од Министерството.

Најчитани

Твитови