Околу 300 жители на островот Сомарој во северна Норвешка сакаат да го укинат сметањето на времето на овој остров.
Тие започнаа кампања за да станат прва светска зона без време, бидејќи, како што велат, овој концепт не е релевантен за нив.
На овој остров од 18 мај до 26 јули сонцето не заоѓа, додека од ноември до јануари сонцето не изгрева.

Кјел Ове Вединг, кој ја води кампањата „зона без време“, вели дека нивна цел е да се ослободат од традиционалното работно време за да можат да го прават она што сакаат, кога и да сакаат.
„Ќе бидеме слободна зона во која секој ќе може да го живее својот живот. Ако сакате да го косите тревникот во четири часот наутро, тогаш тоа можете да го направите тогаш“, објаснува Вединг.
Кампањата е лансирана кон крајот на мај, кога околу 300 жители ја потпишаа петиција и ја доставија до градоначалникот Кент Гудмундсен.