Велат, рибата од главата мириса, а тоа се покажа и докажа по опсежните анализи за Европското првенство во ракомет 2020 година, откако нашата репрезентација доживеа пораз, а можеше многу повеќе. Сите прстот го вперија во играчите на теренот, но дали навистина е така? Дали раководството на македонската ракометна федерација не сфати дека со пензионирањето на носечките играчи Мојсовски, Миркуловски, Митков и останатите ќе дојде до ова, или едноставно важно им беше да се „заштеди“ на пари, па резултатите ги ставија во втор план. По се изгледа дека за првите луѓе на федерацијата ниту периодот од 4 години не беше доволен да се разумат дека Раул, Червр и Обрван не може да ги најде во Брестовац. Сплетот на раководните игри донесе се освен квалитетна игра со врвни резултати на терен на ЕП во Виена.
Желбите се едно, можностите друго. Добрите познавачи на ракометот велат дека, слабостите на селекторот Брестовац испливаа на површина и на последните мечеви со Чешка и Австрија на Европското првенство. Но сепак, самиот Брестовац не е виновен, секој работи како знае, во неговиот случај не знаењето го зема данокот, толку умее. Некој се дрзна да му даде позиција во моќна фотелја, но притоа му даде и слаб тим. Тимот треба да се менува, факт е тоа, но не по секоја цена доколку искуството и знаењето не е на повеќе од потребното ниво.

И додека сите учат од туѓите грешки, некој не умее ни од своите. За неквалитетното менаџирање на македонсиот ракомет на државно ниво, повеќе од доволно зборуваа и неуспесите на женската ракометна репрезентација.
Ниту еден од младите ракометари не е соодветна замена за оние кои заминаа од овие редови. Едноставно се чини немаше кој да ги воведе во вистинскиот пат. Тоа води кон прашањето, колку раководството е стручно, кога немаат доблест, мудрост и знаење да превенираат. После милионските суми (евра) доделени минатите години од Агенцијата за млади и спорт, раководството на македонската ракометна репрезентација не успеа, или не сакаше, да создаде буџет за селектори од редот на Червр или Раул.

За жал, ракометот не може, а и не треба да го водат луѓе кои до вчера беа навивачи. Напротив националниот ракомет се сака и се води од луѓе што целиот живот директно го вложиле во ракометот. Сепак резултатите се јасни до каде стасавме и каков пласман добивме. Тука се наметнува и дали актуелниот селектор е само марионета на функцијата...
Македонските ракометари се сакаат и кога ги освојуваат медалите, но и кога ги носат поразите, а тоа го докажуваат навивачите на секој натпревар. Навивачи од земјава, но и дијаспората од четири до пет илјади на број како да беа заборавени од раководството на федерацијата. Не најдоа ниту време ниту простор од федерацијата да ги посетат во фан зоните. Дали така се однесуваа од лични или профит фрустрации знаат тие, но јасно им е и на навивачите.

Младите рекометари во актуелниот состав не се на ранг на Лазаров, Стоилов и Манасков кои секогаш ја имаат поддршката од сите кои живеат на македонска земја и чии корени се од Македонија. Последните четири години поради слабата организација нема ниту еден врвен играч...
Раководството уште еднаш ја изгуби вербата и кредибилитетот кај фановите, новинарите, поддржувачите на македонскиот ракомет.
ПРОМЕНИ... ВЕДНАШ!