Тринаесетгодишна ромска девојка вчера морало да абортира бидејќи забременила по сексуалното малтретирање на кое била изложена како штитеничка на државната институција за згрижување деца „25 Мај“ во Скопје. Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) денеска алармира за случајот и ги повика надлежните власти веднаш да реагираат и на оваа девојка да ѝ обезбедат соодветна медицинска грижа за да се осигурат нејзиното психолошко и физичко здравје и безбедноста, како и да се врати во нејзиното ромско семејство од кое била принудно одземена во 2012 година поради сиромаштија.
„Девојчето е трауматизирано по постапката, на која на родителите не им било дозволено да присуствуваат спротивно на нејзината искажана желба. Надлежните институции не презеле никакви мерки да им помогнат на неа и на нејзиното семејство за да излезат од сиромаштија ниту, пак, го признале сопствениот неуспех да ја заштитат малолетничката од сексуално малтретирање додека престојувала во државна институција“, велат од ЕЦПР.
На 1 март 2017 година ЕЦПР добил информација од нејзините родители дека девојчето исчезнало од домот „25 Мај“. „Одговорните лица не го пријавиле нејзиното исчезнување ниту во полиција ниту на нејзините родители. Според нејзиното сведочење, пред откриеното сексуално малтретирање, девојката била принудно земена од страна на постар маж од институцијата, кој со возило ја одвел во својот дом во друг град. Таму таа била принудена на сексуални односи и физичка работа. Успеала да избега по 30 дена и да се качи на автобус за Скопје, а полицијата ја нашла на Бит-пазар“, наведуваат од организацијата.
Како што додаваат од ЕЦПР, девојчето опишало дека претходно било однесено во детски летен камп во Струга, заедно со други деца од државниот дом за згрижување. Таму непознат маж сексуално ја малтретирал пред да биде вратена назад во Скопје. Кога ги пријавила овие малтретирања кај згрижувачите од државната институција, била обвинета дека лаже и дека ги измислува настаните.
Потоа, како што се наведува во соопштението, девојката била пренесено во друга државна институција за згрижување – „Ранка Милановиќ“ во Скопје, каде што открила дека останала бремена како резултат на сексуалното насилство.
„ЕЦПР доби слични сведочења од две ромски сестри, кои исто така се штитенички на домот за згрижување деца „25 Мај“, на возраст од 16 и 13 години. И тие често исчезнувале од домот за згрижување деца и на сличен начин нивните исчезнувања не биле пријавени во полиција или кај родителите. Според нивните искази, постар маж, кој се идентификувал како вработен во Центарот за социјална работа, ги земал од домот за згрижување и ги однел на старата железничка станица во Скопје, каде што врз нив извршил сексуално малтретирање. Нивната мајка го пријавила случајот во полиција и ги однела на гинеколог, кој заклучил дека девојките навистина биле жртви на сексуално насилство“, се вели во соопштението.
Врз основа на овие три случаи, ЕЦПР ги поддржува родителите на овие девојки во поведување судска постапка против државниот дом за згрижување деца „25 Мај“, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа и Министерството за труд и социјална политика. „Исто така, вложуваме напори сестрите да бидат вратени кај својата мајка, како што е наложено во судската одлука од 26 јануари 2018 година. Центарот за социјална работа одбива да ја почитува оваа одлука на судот и ЕРРЦ поднесе жалба пред Министерството за труд и социјална работа“, наведува организацијата.
„Во најдобар случај одговорните лица од овој дом за згрижување деца биле небрежни во однос на сексуалното малтретирање што се случувало таму, а во најлош случај тие се соучесници во делото“, рече претседателот на ЕРРЦ, Ѓорѓе Јовановиќ, според кој, овие девојки и нивните семејства се исклучително храбри во своите напори да ги изведат пред суд одговорните што дозволиле ова да се случува.
Според барањето за слободен пристап до информациите што го испрати ЕЦПР, две третини (22 од вкупно 32) од децата што се штитеници на домот за згрижување деца „25 Мај“ се од ромско етничко потекло. Доказите за систематско сексуално малтретирање на ромските деца во оваа институција упатуваат на фактот дека сите овие деца се во опасност сè додека властите продолжуваат да го игнорираат она што се случува. Македонската влада продолжува да ги виктимизира ромските семејства што живеат во сиромаштија со тоа што не успева да поведе истрага за нивната добросостојба и со тоа што останува слепа на малтретирањата. Во меѓувреме, денес, во Скопје има една уплашена 13-годишна девојка на која ѝ е потребна итна медицинска, финансиска и семејна поддршка поради неуспехот на државните институции за згрижување да ја заштитат, апелираат од ЕЦПР.