EXCLUSIVE MK
Македонија

Ако попишувачот нема легитимација, граѓаните да не го пуштаат дома, апелираше Симовски

Од утринава, кога почна најголемата статистичка операција во земјава, нема информации за одбивање за попишување од страна на граѓаните или за каков било технички проблем, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.

Процесот на попишување е организиран преку 50 регионални центри. Во овие центри, како што наведе Симовски, формирани се пописни комисии составени од лица кои се вработени во локалната самоуправа и нивната функција е да ја обезбедат целокупната логистика за спроведување на попис.

– Сите комисии се во функција и си ја вршат својата работа фантастично добро. Досега немаме никакви забелешки. Во овие комисии се наоѓаат државни инструктори, тоа се лица вработени во Заводот, кои се одговорни исклучиво за спроведување на методологијата како треба да се одвива. Потоа следуваат реонските инструктори кои имаат задача да ја контролираат работата на оној дел од попишувачите кои се под нивна надлежност, во просек по 10 попишувачи на еден инструктор. Главниот сегмент од оваа операција се попишувачите кои го спроведуваат попишувањето на лице место, образложи Симовски.

Додаде дека по еден попишувач ќе влегува во домаќинствата и дека секој има официјална легитимација. Ако попишувачот нема легитимација, граѓаните да не го пуштаат дома, апелираше Симовски.

– Да не пуштаат ниту еден човек дома да спроведува попишување ако ја нема легитимацијата. Ова го правиме намерно, свесни сме каква антикампања имаме. Можно е секогаш да има некој кој ќе се обиде да го злоупотреби овој процес, нагласи Симовски.

Околу антикампањата, тој потенцираше дека не сакаат да помислат дека пописот ќе пропадне.

– Се подготвувавме толку време, стартувавме добро со намера да го спроведеме пописот да биде максимално успешен. Апсолутно не размислуваме на тема пописот да пропадне. Секој кој се обидува на било кој начин и од било која причина да пропадне овој процес, не им мисли добро на своите граѓани, рече Симовски.

Ленче Неданоска, државен инструктор од ДЗС во пописниот реон Ѓорче Петров, нагласи дека сите попишувачи се добро обучени, подготвени се и излезени се на терен утрово во 8:00 часот.

– Веќе имаме попишани станови, куќи и домакинства и сметам дека пописот успешно ќе го завршиме во овој пописен реон, посочи Неданоска./МИА/

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Започна пописот на население, станови и домаќинства во Кичево, Македонски Брод и Пласница

Angela

Стабилно и топло време, во сабота дожд и ретки грмежи

Angela

Повторно високи температури, сончево и многу топло

Angela