Барселона ја забележа третата победа во низа против Реал Мадрид оваа сезона, а со тоа направи гигантски чекор кон титулата во Ла Лига со вечерашниот триумф на „Камп Ноу“. Пред почетокот на мечот „кралскиот клуб“ од престолнината имаше девет бода помалку и се знаеше дека мора да оди на победа за да се врати во трката за титулата.
Реал Мадрид поведе на големата пресметка благодарение на несреќниот автогол кој си го постигна Араухо, но после ова, Барса нанижа неколку шанси и конечно успеа да го скрши мразот во најдобар момент. Каталонците беа подобар и поактивен тим во најголем дел од „Ел Класико“ дербито, но на крајот имаа и среќа да резултатот остане непроменет.
При една мешаница, Серхи Роберто израмни на 1:1 пред самиот крај на првиот дел, па така стана јасно дека ќе има возбудлива и изедначена битка и во вторите 45 минути.
Карло Анчелоти направи неколку офанзивни измени, по што работите се сменија на теренот. Реал тргна похрабро и успеа да постигне гол за 1:2 преку Марко Асенсио, па иако гостите се израдуваа, мораа да прекинат со славјето бидејќи ВАР снимката покажа дека станува збор за сантиметарски офсајд.
Ова се случи во 81-та минута, а 11 минути подоцна, следеше нов тежок удар за Карло Анчелоти, бидејќи Франк Кеси погоди за 2:1 по несебичното додавање од Балде. Новите три бода веројатно ја прават клучната и недостижна разлика, што ќе значи и нова титула за каталонскиот клуб.