Подготвувајќи се за нови лунарни мисии, Европската вселенска агенција (ESA) го актуелизираше и прашањето за временска зона на Месечината.
Досега мисиите на Месечината се одвивале според времето во земјата која управува со вселенското летало. Меѓународно прифатената лунарна временска зона ќе им олесни на сите, особено затоа што повеќе земји – па дури и приватни компании – го таргетираат сателитот на Земјата, а НАСА е подготвена да испрати астронаути таму во 2025 година. Секоја нова мисија на Месечината имаше свој временски распоред, со антени за длабока вселена користени за одржување на хронометрите на бродот, синхронизирани со времето на Земјата.
Според сознанијата, часовниците работат побрзо на Месечината отколку на Земјата, добивајќи околу 56 микросекунди секој ден, соопшти ЕСА. Понатамошно комплицирање на работите е тоа што отчукувањата се случуваат поинаку на површината на Месечината отколку во лунарната орбита. И, можеби најважно, времето на Месечината ќе мора да биде практично за астронаутите кои ќе бидат таму, според Бернард Хуфенбах, шеф на Канцеларијата за стратешко планирање за Дирекцијата за летови и операции во човечкото вселенско подрачје.
Идејата се појавила за време на состанокот во Холандија на крајот на минатата година, а учесниците се согласиле дека има итна потреба да се воспостави „заедничко лунарно референтно време“. Вселенските организации почнаа дискусии за мерењето на времето на Месечината во технолошкиот центар ESTEC на Европската вселенска агенција во Холандија.
– Се согласивме за важноста и итноста за дефинирање заедничко лунарно референтно време, кое е меѓународно прифатено и на кое може да се повикуваат сите лунарни системи и корисници – изјави Пјетро Џордано, инженер за навигациски систем на Европската вселенска агенција.
Станицата „Гејтвеј“ на НАСА ќе служи како повеќенаменска станица која орбитира околу Месечината кога ќе почне да работи, во ноември 2024 година. Ќе биде отворена за престој на астронаути и ќе обезбеди поддршка за луѓето да се вратат на површината на Месечината.
Исто како што ГПС-системите на Земјата бараат прецизна координација и тајминг, така ќе бара и секоја инфраструктура што се гради и работи. Меѓу предизвиците се спомнуваат и оние како времетраење на еден ден од 29,5 денови (гледано на екваторијалниот регион), како и студените двонеделни лунарни ноќи.