EXCLUSIVE MK
НАСЛОВНА Свет

Во пожарите во Турција досега загинаа четири лица, евакуирани стотици лица

Едно лице загина во пожарот кој вчера попладне почна во турскиот туристички град Мармарис во провинцијата Мугла и кој се уште не е ставен под контрола. Со тоа бројот на жртви од повеќедневните пожари во Турција се искачи на четири лица.

Во Мармарис загина мотоциклист, кој обидувајќи се да побегне од пожарот, останал заробен од огнот.

– Бројот на жртвите од шумските пожари во јужна Турција е четири лица, изјави министерот за земјоделство и шумарство на Турција Бекир Пакдемирли.

Екипи на терен се обидуваат да го стават под контрола и пожарот во подрачјето на Аланија во турската област Анталија, јавува Агенција Анадолија (АА). Пожарот, од засега неутврдени причини, избувнал во шумското подрачје во населеното место Јеникој. На терен се наоѓаат голем број екипи кои од воздух и од копно се обидуваат да го стават под контрола пожарот кој се приближи до населеното место.

Шумски пожари избувнаа во последните неколку дена во јужните турски области Мерсин, Османије, Адана, Анталија, Кахраманмараш. Пожари избувнаа и во југозападната област Мугла и централните турски области Кириккале и Кајсери.

Од хотел во Бодрум вчера превентивно беа евакуирани и околу 100 руски туристи. Руската Амбасада соопшти и дека три руски противпожарни авиони биле вклучени во гаснењето на пожарот.

Големи пожари беснеат во осум окрузи во јужна Турција. Напорите на надлежните служби за ставање под контрола на 10 активни пожари продолжуваат со 1.832 пожарникари, три авиони, 29 хеликоптери и 458 цистерни со вода, пренесува Анадолија.

Шумските пожари избувнаа завчера во Манавгат, Анталија, се уште се активни и се проширија на поголема површина. Во нив загинаа три лица, а 122 се повредени. На лекување се 58 лица, погодени од пожарите. Според Дирекцијата за справување со катастрофи и итни случаи (АФАД), вкупниот број на повредените е 183.

Турските пожарникари се борат и со ставање под контрола на пожарите во турските области Адана и Мерсин. Во Мерсин, населението што живее во области близу пожарите беше евакуирано.

Пожарникарите се ангажирани и во Козан во јужната турска област Адана каде што избувна пожар во шумското подрачје на Кизларсекиси. Властите рекоа дека силниот ветер ги разгорел пожарите низ регионот и ги отежнува напорите за нивно гаснење.

Турскиот министер за земјоделство Бекир Пакдемирли изјави дека во пожарите настрадале и 150 говеда, илјада овци, 600 хектари земјоделско земјиште, а оштетени се и 50 хектари оранжерии.

Температурите од речиси 40 Целзиусови степени и ветерот што дува со брзина од 50 километри на час придонесе за ширење на огнот.

– Граѓаните кои претрпеа штета во пожарот ќе ја добијат целата неопходна помош, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, притоа најавувајќи истрага за пожарите.

Турскиот министер за животна средина Мурат Курум истакна дека се мобилизирани државни средства со цел спречување и санирање на последиците од пожарот.

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Дневен хороскоп: За кој знак понеделник е среќен ден?

Angela

Трет син за Ана и Бастијан: Се породи убавата тенисерка

Angela

ФОТО: Сопругата на Федерер ги воодушеви фановите со новата боја на коса и витката линија

Angela