Грузија одлично ја започна новата сезона во Лига Ц на Лигата на нации и со две победи се искачи на врвот на табелата во која што игра и Македонија.
Нашата репрезентација има два бода помалку, но со победа на домашен терен вечерва ќе скокне на првото место. Меѓусебните дуели ни одат во прилог, со оглед на тоа што имаме една победа и два нерешени резултати. Најважниот судир го добивме во Тбилиси пред две години со кој обезбедивме пласман на Европското првенство 2020.
Следниот противник на „рисовите“ одигра ефикасно на последните два натпревари. Пет гола ѝ даде на Бугарија, а потоа подели четири „парчиња“ кај Гибралтар. Тоа е доволно предупредување за македонскиот тим дека се соочува со сериозен ривал, кој може да ја казни секоја грешка. Благоја Милевски има причина да биде малку загрижен за нападот. Во Разград македонските фудбалери пропуштија неколку изгледни прилики, а потоа рутински, но не и убедливо обезбедија три бода кај аутсајдерот во групата.
На сите три меѓусебни натпевари беа постигнати малку голови. Така се очекува и денес, кога во Скопје одново ќе гледаме ново тактичко надмудрување на Македонија и Грузија.