Новото време ни донесе и нов вид пријателство, или постоело и порано, само не било толку актуелизирано како сега. Дали пријателството со бенефиции е добро нешто или е глупост донесена од модерниот свет?
Прво, од каде потекнува овој вид пријателство? Филмовите како „Friends with benefits“ и „No strings attached“ дефинитивно ја изрекламираа оваа „нова мода“.
Што претставува? Најточно кажано, тоа се пријатели кои имаат секс, без никакви чувства, и секако без нежности и љубов, чиј однос се заснова на телесна привлечност.
Колку е често ваквото пријателство? Мора да бидеме свесни дека тоа и не е така ретка појава дури и кај нас, но со сигурност, пријателството со привилегии или бенефиции бара добро да размислите и внимателно да му пристапите.
Дали е тоа добро или лошо? Кои се позитивните, а кои негативните страни на ова „пријателство“ и зошто луѓето започнуваат нешто вакво?
Потреба од ваков „пријател“ имаат оние кои се фокусирани на кариера или на образование толку многу, што немаат време да ѝ се посветат на вистинска врска, или личности кои во моментот не сакаат сериозна врска туку забава.
Она на што треба да сте внимателни, е цврстината на вашето пријателство. Ако сте биле многу блиски пријатели, не започнувајте вакво нешто, зашто голема е веројатноста на крај да не остане ништо од вашето пријателство, дури да изгубите секаков контакт. Ако некого го гледате како вистински/а другар/ка, дали е во ред да го претворите во пријател со бенефиции?
Пред да започнете нешто вакво, бидете свесни дека тоа ќе биде привремено, а не долгорочно. Многу зависи и од карактерот на човекот, дали сте вие такви личности кои би можеле сексот да го гледаат само како забава, без да станете кревки и подложни на повредување, дали сте „отпорни“ на чувства?
Колку и да изгледа оваа врска едноставно, баш напротив, сето тоа може да стане многу комплицирано доколку добро не сте размислиле и доколку функционирате само според вашите инстинкти.