EXCLUSIVE MK
Македонија НАСЛОВНА

ДЕНЕСКА Е СПАСОВДЕН: Ова се обичаите за овој голем празник

Вознесение Христово или Спасовден — христијански празник кој се слави 40 дена по Велигден.

Во Новиот завет од Светото Писмо поточно во Светото евангелие според Марко опишано е и вознесението Христово: “А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога.

Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го окрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа.

Амин!” Така Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале по храмовите.

Празникот Спасовден секогаш се слави четириесет дена по Велигден.

Датумот го менува, како и Велигден, но денот не. Секогаш се празнува во четврток.

На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река.

Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на величетврток. Во претпладневните часови на Спасовден се оди на празничен излет во месноста Покладишќа, каде што сега е изграден мошне убав црковен храм „Св. Спас“.

Се носат црвени велигденски јајца нешто за пиење и јадење, се посетуваат лековитите изворчиња и чешмичиња, при што во водата за здравје се фрлаат метални парички. Овде се кршат и јадат последните црвени велигденски јајца.

По убаво поминатиот претпладневен излет на враќање за дома се кинат билки и се кршат гранчиња со штотуку формирани оревчиња.

Потоа се оди на пладневна литургија во селската црква, каде што пред иконостасот се остават ореовите гранчиња, симболично означувајќи го формирањето на плодовите на родните дрвја.

Вечерта се оди на ракија во куќите во кои има крстено име Спасе.

За овој празник се врзани и многу други верувања и суеверија, кои во некои краишта се уште се почитуваат. За Спасовден се колеле јагниња, а старите верувале дека од Нова година до Спасовден не треба да се пие млеко. Се верувало дека на Спасовден мажите не треба да се бричат, жените да се мијат, а децата да се бањаат.

На Спасовден никако не треба да се спие преку ден, за да не се дреме цела година.

Тропар

Си се вознел во слава, Христе Боже наш, и си ги зарадувал учениците со ветувањето на Светиот Дух, а со благословот си ги уверил дека Ти си Синот Божји, Избавителот на светот.

Кондак
Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и повикувајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може.

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Надал и наредната година ќе игра на РГ

Angela

Посни колачиња со тиква

Angela

Новооткриен тунел во Големата пирамида од Гиза!

Angela