„Европско од сон“ ќе ечи од грлата на верните и долгогодишни навивачи на македонската ракометна репрезентација на Европското првенство во Унгарија и Словачка, следната година. Најверните навивачи на македонската ракометна репрезентација сами ја снимија првата навивачка химна за ракометната репрезентација.
Exclusive.mk ексклузивно ви го прикажува видео спотот од прва навивачка химна од навивачите за ракометната репрезентација за ЕП.
Зад целиот проект стои еден од најголемите и најверните фанови на ракометната репрезентација д-р Емил Угриновски, сопственик на болницата „Неуромедика“, една од локациите каде се снимаше видео спот. Во видео записот, за жал поради здравствени причини дел од најверните навивачи, кои ги има од целата држава, нема да ги има директно во спотот, но секако ќе може да се препознаат на снимки од првенствата кои се дел од спотот.
„Со задоволство прифатив да бидам спонзор на првиот и единствен проект досега во нашата земја, навивачка химна за ракометната репрезентација, во која пеат и учествуваат само навивачи. Мислам дека ова ќе биде поттик за ракометарите да го дадат максимумот на теренот, а навивачите од сите наши градови и села како и од дијаспората со елан и задоволство да ја пеат не само додека трае првенството туку и потоа. Секој од нив ќе се препознае во спотот и во песната без разлика дали седи на трибина или покрај малите екрани. Бидејќи Македонија се сака без разлика каде и да си“, вели Емил Угриновски генерален менаџер на „Неуромедика“ , кој речиси три децении ги следи настапите на македонските ракометни репрезентативци на европските и светските првенства.
„Европско од сон“ е со носечки вокали на двајца навивачи, но професионални пејачи-Дејан Тасев и Александар Здравков. Гитарите ги отсвире 13 годишниот Алек Николовски. Зад самата песна пак стои семејниот музички тандем-Огнен и Филип Неделковски, таткото е текстописец, синот е автор на музиката, а заедно со третиот член на семејството, познатата новинарка Соња Алековска Неделковска не пропуштиле ниту едно првенство на кое настапиле нашите ракометари.
Инаку нашиот национален тим обезбеди место на собирот преку квалификациите и го чекаат три средби во првата групна фаза, против селекциите на Данска, Словенија и Црна Гора. Само дерби-дуелот со Данците ќе се игра во централниот термин, додека останатите два се попладневни.
Натпревари на Македонија на ЕП 2022:
Македонија – Словенија (13 јануари, 18:00)
Македонија – Црна Гора (15 јануари, 18:00)
Македонија – Данска (17 јануари, 20:30)
Нашиот национален тим ќе игра во групата во Дебрецен, Унгарија.