Во пожар што се случи ноќеска на автопатот „Струма“ во Бугарија во релативна близина на Перник, загинаа 46 патници, македонски државјани, што патувале со автобус на „Беса Транс“ на релација Истанбул – Скопје. Најголемиот дел од патниците биле од Скопје, јави бугарски „Медиапул“. Според првичните информации, 17 од жртвите се деца, од кои пет на помала возраст, а 12 во тинејџерски години.
Спасени се седум лица, кои се сместени во медицинскиот центар „Пирогов“ во Софија. Состојбата на овие патници е стабилна, не се во животна опасност и се свесни. Шестмина се со изгореници, а еден од повреди на нога.
Во „Пирогов“ пристигнаа и македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи, а таму се и техничкиот премиер на Бугарија, Стефан Јанев, вицепремиерот Бојко Рашков и бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, јави „Медиапул“.
„Информацијата што ја имам моментално е дека повеќето од настраданите се од Скопје“, рече Османи, појаснувајќи дека автобусот превезувал туристи од Истанбул за Скопје.
Трагедијата се случила околу 2 часот ноќеска, а со изгорениот автобус биле уште три автобуси на „Беса Транс“. Изгорениот автобус бил последен во колоната. Возачот загинал и вратите на автобусот останале неотворени. Преживеаните рекле дека ги кршеле прозорците за да се спасат.
Автобусот влеглот на бугарска територија околу 21 часот вчера на преминот „Капитан Андреево“, а отприлика два часа пред да се случи трагедијата, околу полноќ, застанал на бензинска станица близу Софија и потоа го продолжил патот кон Македонија.
Почната е истрага, а според првичните претпоставки можно е автобусот да удрил во заштитната ограда на автопатот и потоа да се запалил, но можно е и да се случило обратното. Околу 50 метри од заштитната ограда се уништени.
Спроед градоначалникот на Перник, Станислав Владимиров, на потегот каде се случил пожарот на македонскиот автобус, често се случуваат сообраќајни несреќи, оти таму успонот е голем, а ноќеска и врнело дожд и коловозот бил лизгав, објасни Владимиров.