Фудбалерите на Манчестер Јунајтед освоија еден бод (1:1) во дерби пресметката против екипата на Челзи, но легендарниот капитен на „црвените ѓаволи“, Гери Невил, призна дека е шокиран од играта на неговиот поранешен клуб. Актуелниот светски и европски клупски шампион дојде во водство со погодокот на шпанскиот интернационалец, Маркос Алонсо, но две минути подоцна, во листата на стрелци се запиша и најголемата ѕвезда на „Олд Трафорд“, Кристијано Роналдо.
- Секој навивач, за време на натпреварот, сака да му удри ќотек на Манчестер Јунајтед. Е за таков тим станува збор. Фудбалерите на Манчестер Јунајтед заслужуваат да бидат истепани затоа што дават лош пример на младите фудбалери кога е во прашање работната етика и залагањето. Тоа е нешто кое децата го учат од родителите и тренерите. Срамно е како се однесуваат фудбалерите на Јунајтед, како се шетаат по зелениот терен. Јасно е како ден дека Јунајтед нема да биде шампион, но фудбалерите на Јунајтед можат барем малку да трчаат. Не смее ова реми да не излаже, ова е срамота, изјави Невил.
Поранешниот репрезентативец на Англија, кој моментално работи како стручен коментатор, не застана тука со критиките кон избраниците на Ралф Рангник.
- Заработуваат богатство, а се шетаат по зелениот терен. Срамота! Се надевам дека новиот менаџер на Јунајтед, Ерик тен Хаг, го има гледано овој натпревар, додаде Невил.
Со ремито на „Олд Трафорд“ фудбалерите на Јунајтед најверојатно се простија од четвртата позиција која гарантира пласман во групната фаза од Лигата на шампиони. „Црвените ѓаволи“ моментално имаат пет бода помалку од четвртопласираниот Арсенал кој пак има и два натпревара помалку.