Инфекциите на респираторниот систем може да се поделат според повеќе критериуми: место на инфекцијата, причинител, времетраење на болеста и компликации.
Во што е проблемот?
Децата најчесто заболуваат од инфекции на горните дишни патишта (настинка, воспаление на синуси, уво и грло). Овие инфекции генерално не се сериозни, но ако често се повторуваат и се долготрајни, може да го нарушат квалитетот на живот кај детето. Воспаленијата на долните дишни патишта (душник, бронхии и бели дробови) опфаќаат само 5% од сите инфекции на респираторниот систем.
Времетраењето и честост на респираторни инфекции кај деца:
Во зависност од времетраењето, инфекциите на респираторниот систем може да се поделат на акутни инфекции, повторувачки (чести) акутни инфекции, хронични инфекции кои траат повеќе од 3 месеци.
Честост на респираторни инфекции кај деца:
- Мали деца (1–5 години): до 10 инфекции годишно
- Мали деца во градинка: до 15 инфекции годишно
- Големи деца (6–12 години): од 5 до 8 инфекции годишно
Познати се два показатели за појава на овие инфекции:
- возраст помеѓу 6–12 месеци – детето ги »потрошило« заштитните антитела кои ги добива од мајката пред раѓањето, а сеуште не ги развило сопствените антитела
- прв контакт на детето со други деца (градинка, училиште) – постои висока изложеност на разни заразни болести кои ги имаат другите деца од групата