Повикувајќи се на член од Уставот за вонредни ситуации, претседателот Каис Сајед го суспендираше Парламентот и го разреши премиерот Хишем Мешиши еден ден по масовните антивладини протести.
Сајед, кој беше избран за претседател како независен кандидат и не припаѓа на партија, се повика на членот 80 од Уставот за итни ситуации при разрешувањето на извршната и на законодавната власт.Владејачкото исламистичко движење Енахда ова го протолкува како тивок пуч, но граѓаните масовно на улиците ја прославија одлуката на шефот на државата. Атмосферата прилегала на прославата по соборувањето на долгогодишниот диктатор Зин ел Абидин бен Али.Аналитичари, сепак, предупредија дека повикувањето на Членот 80, кој на претседателот му дава моќ да презема „вонредни мерки во услови на итна опасност што им се заканува на државните институции“, води во опасност да се концентрира огромна политичка моќ кај претседателот и тоа во неограничена временска рамка. Во вонредниот период без премиер и парламент, на народните избраници не им важи пратеничкиот имунитет.Веднаш по објавувањето на одлуката, армиски единици се распоредиле околу парламентот и го спречиле спикерот Рашед Гануши од владејачкото движење Енахда да влезе во зградата. Гануши и неколкумина пратеници одржаа „седница“ надвор од објектот и најавија дека парламентот би можел да продолжи да работи преку платформа на интернет.Во телевизиско обраќање до јавноста, Сајед истакна дека опасноста од избувнување насилства била главната причина за суспендирање на парламентот.Претседателот уште од стапувањето на функцијата пред две години е во конфликт со Гануши од движењето Енахда и со премиерот Мешиши, кој е политички независен, но е поддржан од исламистите. Поради политичките битки за назначувања министри и за слични прашања во сенка останаа напорите за борба против пандемијата на ковид-19, кои уште посилно ги исфрлија на површината хроничните социјални и економски проблеми во Тунис.Сајед повеќепати се закануваше дека ќе ги распушти парламентот и владата за да го разбие „комплексниот политички систем заразен од корупција“.Повеќе од 18.000 луѓе во Тунис веќе починаа од ковид-19 во Тунис, а пандемијата ја уништи туристичката индустрија, која учествува со 16 отсто во бруто-домашниот производ.