Долгите патувања во длабоката вселена ќе бидат невозможни, доколку луѓето немаат свеж извор на храна, со која ќе ги надоместат потребите на организмот од витамини и минерали.
Затоа астронаутите ќе мора да експериментираат и да ги усовршат техниките на одгледување зеленчук и овошје во услови на микрогравитација и вештачко надоместување на сончевата светлина. Но, освен светлината, на растенијата им треба и јаглерод двооксид, вода, па дури и гравитациски сили.
На земјата, коренот на растенијата расте во насока на гравитациските сили, додека растението се развива обратно од нив. Преку бројни експерименти на Европската вселенска агенција е откриено дека растенијата во врвот на корените имаат своевидни гравитациски „сензори“. Така, растенијата кои се одгледувале на Меѓународната вселенска станица (МВС) реагираат и на најмала изложеност на гравитација, што им дава одредена „насока“ на ширење. Низ опитот со растението арабидопсис талијана, било заклучено дека тоа успева да регистрира и најмала количина на вештачки создадена гравитација и во такви услови сензорите на растенијата го „засилуваат“ сигналот, по што неговите корени се шират претежно хоризонтално, за разлика од Земјата каде би растеле во вертикала.
Во 2015 година, астронаутите успеале да вкусат сопствено одгледана зелена салата (марула), која е првото растение што добило дозвола за човечка конзумација на МВС, но не и на Земјата.
Од она што може да се дознае во медиумите, испитувањата ќе продолжат со проучување на молекуларно ниво на растенијата, растот и отпорноста кон надворешните фактори, како и што може да ги направи да даваат поголеми приноси, што подоцна би се имплементирало во земјоделството и би ги подобрило условите на одгледување во ботанички градини.