Актерката Камерон Дијаз направи голема пауза од кариерата, минувајќи осум години без да се појави на големото платно, но неодамна се согласи да глуми во акционата комедија на Нетфликс „Враќање во акција“, заедно со Џејми Фокс.
Славната актерка која заедно со Дру Баримор и Луси Лиу беше дел од фамозните „Чарлиеви ангели“ сега е во фокусот на светската јавност која очекува дали овој кам-бек ќе донесе уште некоја улога за русокосата убавица.
Сепак, според информациите кои ги открива извор близок на актерката, таа останува на својата претходна определба и по завршувањето на снимањето, најверојатно нема да продолжи со активното глумење.
Првенствена причина за тоа е фактот дека Камерон не сака повеќе да се одвојува од семејството, но и затоа што ѝ станало многу заморно деновите да ги минува на снимање. Исто така, се додава, таа не сака стресни ситуации и конфликти, кои често се случуваат за време на снимањето.
Од друга страна, медиумите шпекулираат дека Камерон Дијаз никогаш „не ја затворила вратата“ за добри понуди, па се надеваат дека некој друг сценарист ќе осмисли проект во кој таа повторно ќе се пронајде.