Вработени од компанијата „Дермалог“ треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик-претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување.
Неделава треба да пристигнат првите 250 терминали за читање отпечатоци од прсти што ќе се применуваат на локалните избори на 17 октомври. Како што најави претседателот на ДИК Александар Даштевски во неодамнешното интервју за МИА, „фингерпринт“ апаратите треба да бидат во земјава на 25 август.
Германската компанија „Дермалог“ со која ДИК потпиша договор вреден 11 милиони евра, покрај испорака на терминалите за читање отпечатоци од прсти, ќе се грижи и за системот за нивно функционирање, како и за одржување во следните четири изборни циклуси. Вработени од компанијата „Дермалог“ треба да направат технички преглед на терминалите, како и прирачници за користење што ќе ги има секој претседател и заменик-претседател на избирачки одбор, вклучувајќи и нивна обука за ракување. Терминалите нема да бидат поврзани со интернет, а се гарантира и безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Во меѓувреме, се интензивираат подготовките за локалните избори, а на 21 август почна и увидот во Избирачкиот список, што ќе трае до 9 септември.
До 9 септември граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.
Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.
Од 16 август започна и собирањето потписи за независни листи во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија. До крајот на минатата недела се собрани потписи за четири независни кандидатски листи, а рокот истекува на 30 август во 24 часот. Подрачните одделенија и канцеларии на ДИК работат секој ден од 8 до 20 часот. На 27, 28 и 29 август ќе работат до 21 часот, а на 30 август до 24 часот.
Изборната кампања за првиот круг започнува на 27 септември на полноќ и завршува на 15 октомври на полноќ.
Изборите што повторно ќе се одржат со протоколи за заштита од ширење ковид-19, се закажани за 17 октомври. Вториот круг од изборите треба да се одржи 30 октомври.