Фудбалската репрезентација на Македонија ја совлада Малта со 2:1 во првиот натпревар од квалификацискиот циклус за Европското првенство во фудбал.
Во првиот дел „рисовите“ не успеаја да ја скршат одбраната на гостите, по што во вториот дел селекторот Милевски направи две промени со цел да ја раздвижи играта. Веќе по првиот шут, беше досуден пенал за старт над Бојан Миовски, но истиот беше поништен по проверка од ВАР системот.
Веднаш потоа, токму двоецот Миовски-Елмас беше креатор на првиот гол, за кој веќе немаше никакви дилеми и Македонија заслужено поведе. По спуштената топка од Миовски, Елмас погоди ефектно и го отвори резултатот, по што Македонија почна да игра далеку поопуштено. Погодокот на ѕвездата на Наполи беше постигнат во 66-та минута, а шест минути подоцна стрелаше и резервистот Чурлинов кој направи соло продор по десната страна и прецизно биеше за 2:0.
Во самата завршница, гостите се погрижија за нервоза меѓу присутните навивачи на националната арена „Тодор Проески“, откако успеаја да намалат на 2:1 (гол постигна Јаник), но македонската одбрана успеа да издржи и на крајот со планирана победа ги отвори квалификациите за Европското првенство. Селекторот Милевски немаше некој посериозен приговор, на крајот доби директен црвен картон и исклучување, што значи дека нема да го води тимот на следниот квалификациски меч.
Без оглед на завршната епизода, нашиот предводник остана задоволен од целокупното издание на неговите играчи вечерва, па на пресот нагласи дека полека наликуваме на тим каков што замислувал од самиот старт.
– Од меч во меч играме се подобро, потребно е време за да се создаде потребната хемија меѓу играчите. Но, како што минува времето, се повеќе личиме на тим каков што посакувам. Тоа го покажуваме од собир на собир, денеска бевме добри и во првиот дел, иако акциите требаше подобро да ги завршуваме. Не можам да бидам незадоволен од второто полувреме, штета е што не победивме и со повеќе голови разлика. Најтешко е да се игра со вакви селекции, но јас сум задоволен од победата и севкупниот впечаток, – изјави Милевски.
За добиениот црвен картон, тој прокоментира дека не е најјасно зошто бил исклучен..
– Не знам зошто добив исклучување, наводно зошто сум го напуштил ограничениот простор. За тоа се добива жолт картон, но јас бев исклучен. Такво беше видувањето на четвртиот судија, – надополни селекторот.
112