Премиерната трка во новата Мото ГП сезона се возеше во Португалија, каде ова попладне најдобрите светски возачи се собраа во Портимао и стартуваа со големи амбиции за што подобар пласман.
Марк Маркез изненадувачки ја освои пол-позицијата во вчерашните квалификации и потврди дека е во добра форма и покрај лошите перформанси кои ги прикажува неговата Хонда, но во недостиг на брзина и потенцијал, денеска направи глупост уште во третиот круг и ја уништи сопствената, но и трката на Мигел Оливеира и Хорхе Мартин.
Откако го загуби првото место и падна четврти, Маркез се обиде во еден свиок да се пробие пред Мартин, но наместо тоа, се удри во неговиот мотоцикл и потоа го „собра“ домашниот миленик Оливеира.
Инцидентот можеше да биде уште пострашен ако се земе во предвид дека мотоциклот на Марк удри директно во грбот на Оливеира, но најдобра вест беше тоа што Португалецот стана од земја и на свои нозе ја напушти патеката. Маркез веднаш се извини на колегата и на целото гледалиште во Портимао за нерезонскиот потег, но тоа не го остави без силни свирежи од навивачите.
За разлика од Марк и Оливеира кои веднаш ја завршија трката, Мартин остана на патеката, но потоа забележа пад на пет круга пред крајот откако мотоциклот беше тежок за управување.
Сето ова му овозможи прилично мирна трка на Пеко Бањаја, кој со победата на спринтот и денешната трка само потврдува дека е главен фаворит за одбрана на титулата во Мото ГП. Зад него заврши Маверик Вињалес кој профитираше од откажувањата на ривалите, а во првите десет се најдоа уште Безеки, Зарко, Алекс Маркез, Биндер, Милер, Квартараро, Еспаргаро и Ринс.