Леќата е присутна во нашата кујна како вариво, а во таа форма има поделени мислења за нејзината омиленост.
Меѓутоа, низ светот ја користат при изработка на други рецепти, најчесто вегански или посни, па можете да ја најдете и како состојка од која се прават ќофтиња, а ние денеска ви ја препорачуваме како намаз кој можете да го користите со фурнаринки или некој сличен продукт.
За една доза потребни се 300 грама црвена леќа, која се става во тенџере со зовриена вода. Како додатоци се препорачуваат еден рендан морков и половина ситно сецкан кромид. Додадете сол по желба, околу половина лажиче. По десет минути, тргнете го тенџерето од оганот и додадете половина главица пасиран лук, по што оставете ја чорбата да се олади, отприлика половина час.
Продолжете со тоа што ќе ја исцедите леќата и ќе го отстраните вишокот на вода, додека смесата од леќа ќе ја ставите во блендер за да добиете кремаста структура. Откако тоа ќе биде направено, пред самиот крај додадете зачини по Ваш вкус, а оригиналниот рецепт предлага една лажица маслиново масло или 1 лажичка путер, плус половина лажичка куркума, па изблендирајте за последен пат.
При сервирање, добро промешајте ја сместата, а можете да послужите заедно со маслинки и магдонос.
Освен со фурнаринки, вегетаријанците кои често конзумираат леќа поради тоа што на тој начин внесуваат железо (кое често им недостига поради апстиненцијата од месо), исто така ја користат шансата со ваков намаз да конзумираат и други зеленчуци со „неутрален вкус“, како тиквички или модри патлиџани, кои се претходно потпечени во тавче или на скара.