Научниот симпозиум „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ денеска ќе биде отворен во Музејот на македонската борба, во организација на Институтот за национална историја – Скопје.
На шесте работни сесии, што ќе се реализираат денеска и утре во Музејот на македонската борба и во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ свои реферати ќе презентираат 46 еминентни професори и научници од земјата. На тој начин, како што соопшти организаторот, научно ќе биде елабориран неспорниот придонес на Гоце Делчев во создавањето на современата македонска држава, кој е трајно вграден во колективната меморија и традициите на македонскиот народ.
На отворањето на симпоизумот ќе се обратат претседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Љупчо Коцарев, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски и претседателката на Организацискиот одбор проф. д-р Катерина Тодороска.
Во рамки на отворањето на симпозиумот ќе биде промовирана поштенска марка посветена на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. По отворањето учесниците ќе ја посетат изложбата „Портрети на Гоце Делчев“ од академскиот сликар Ангел Петров, специјално подготвена за овој настан и постојната изложба на Државниот архив „150 години од раѓањето на Гоце Делчев (1872-2022)“.