Карим Бензема игра една од најдобите сезони во својата кариера, а тоа уште еднаш го докажа на вчерашниот натпревар во полуфиналето на Лигата на шампионите против Манчестер Сити.
Францускиот голгетер го постигна првиот и третиот гол за „кралскиот“ клуб, со кои го задржи Реал Мадрид во отворена битка за ново финале. Бензема така дојде на бројката од девет погодоци во нокаут рундата на Лигата на шампионите, што значи дека е на само еден чекор до рекордерот Кристијано Роналдо.
Португалецот во сезоната 2016/17 погоди десет пати во плеј-оф натпреварите, а сега Бензема е на еден гол до рекордот.
Бензема оваа сезона во елитното натпреварување има постигнато 14 погодоци, што го сместува на делба на петтото место по најмногу постигнати голови во една сезона со Лионел Меси. На врвот на листата е Роналдо со 17, па со 16 и 15, колку што има и Роберт Левандовски.
Иако изгледа далечно и Бензема при пласман во финалето има два натпревари за три гола, сепак францускиот напаѓач е во неверојатна форма и овој рекорд не е така недостижен.