Една неодамнешна студија објавена во списанието „Journal of the American Academy of Nutrition and Dietetics“ покажа дека, меѓу група од 19.650 анкетирани лица, оние кои спиеле седум часа или помалку во текот на ноќта консумирале повеќе јаглени хидрати, масти, кофеин и шеќер отколку оние кои спиеле повеќе од осум часа.
„Често, прекасното легнување е придружено со други однесувања поврзани со дебелината: недостаток на физичка активност, премногу време поминато пред екранот, избирање „лоша“ храна, односно грицки наместо оброци“, вели професорот по медицинска диететика и семејната медицина и водечки автор на студијата д-р Кристофер А. Тејлор.
Друга студија, спроведена од истражувачи од Универзитетот во Ворвик, покажа дека недостигот на сон има и други ризици – испитаниците кои го намалиле времетраењето на спиењето од седум часа на пет часа навечер имале дури 1,7 пати поголем ризик од смрт од различни причини и двојно поголем ризик од смрт од кардиоваскуларни проблеми од оние кои спиеле подолго.
Сепак, клучот за здравјето и идеалната тежина, се разбира, не е во премногу сон, како што покажува студијата објавена во списанието „Sleep“, каде во група од 276 возрасни лица на возраст од 21 до 64 години, се покажало дека кај оние кои спијат од девет до десет часа има 21 отсто поголем ризик од дебелина.
Според Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), возрасните на возраст меѓу 18 и 60 години треба да спијат повеќе од седум часа навечер, оние на возраст меѓу 61 и 64 години помеѓу седум и девет часа, а оние на возраст од 65 и постари – меѓу седум и осум часа.