Францускиот производител на автомобили Рено размислува да продаде дел од својот удел во јапонската комнпанија Нисан за да собере неколку милијарди евра потребни за да се префрли на електрични возила, објави Блумберг, повикувајќи се на добро информирани извори.
Самиот Нисан можеби ќе биде подготвен да купи акциите кои Рено ги поседува во јапонската компанија, изјавија изворите на њујоршката агенција, кои сакаат да останат анонимни.
Рено, додаваат тие, може да бара и други купувачи за нивниот удел од 43 отсто од акциите во Нисан.
Портпаролите на Рено и Нисан го одбија барањето на Блумберг за коментар.
Акциите на Рено денеска околу пладне скокнаа на берзата во Париз за цели 8,3 отсто, по објавувањето на оваа вест.
Со намалувањето на својот удел во Нисан, вреден 7,1 милијарди евра, Рено ќе „оди по тенка жица“, балансирајќи помеѓу одржувањето на тоа 23-годишното партнерство и ризикот од негово распаѓање.
Нарушената меѓусебна структура на сопственост, во која Нисан поседува само 15 отсто од Рено и нема право на глас, со години е болна точка на расправија меѓу раководителите на Нисан.
Продажбата може да помогне во финансирањето на големите структурни промени во Рено, кои извршниот директор Лука де Мео ги истакна во февруари оваа година, и да ги намали долготрајните тензии меѓу двете партнерски компании, велат аналитичарите.