Кога имунолошкиот систем на телото реагира ненормално на нешто што јадете или пиете, тоа е познато како алергија на храна. Симптомите обично вклучуваат ненадејни промени на кожата, проблеми со гастроинтестиналниот тракт, респираторниот или кардиоваскуларниот систем, но секогаш постои ризик од анафилактичен шок.
Многу видови храна можат да бидат алергени, но Food Allergy Research & Education (FARE), најголемата светска организација која се занимава со проблемот на алергии на храна, издвојува осум намирници кои всушност предизвикуваат 90 проценти од сите алергии на храна.
Благи реакции вклучуваат чешање или осип на кожата, чешање или печење околу устата или грлото, течење или затнат нос, гадење, посериозни реакции вклучуваат отекување на усните или јазикот, лицето или екстремитетите, отежнато дишење, грчеви во стомакот, повраќање и дијареа, а најтешката реакција доведува до анафилактичен шок, состојба која е опасна по живот и бара итна медицинска интервенција.
Кравјо млеко
Алергијата на млеко е имунолошка реакција на еден од протеините во животинското млеко и најчеста причина за алергиски реакции кај малите деца. Реакцијата е обично побавна, симптомите се развиваат од неколку часа до дури неколку дена подоцна и вклучуваат стомачни грчеви, дијареа, осип на кожата, повремена кашлица, течење на носот… Иако ретко, детето со алергија на млеко може да има сериозни реакции. има многу поголема веројатност да развие алергиски реакции на друга храна или астма, пишува Healthline.
Јајца
Дури два отсто од децата се алергични на јајца. Кога станува збор за алергии на оваа храна, протеинот во белката е поверојатно да предизвика реакција, иако некои луѓе може да бидат алергични и на белките и на жолчките. Симптомите на алергија на јајца се слични на другите видови алергии и може да вклучуваат една или повеќе од следниве реакции: промени на кожата како што се егзема, коприва или оток; абдоминална болка, гадење, дијареа или повраќање; отежнато дишење; затнат нос или течење на носот; забрзан пулс. Алергијата на јајца обично се јавува на многу рана возраст, а најтешките реакции се јавуваат на возраст од 6 до 15 месеци.
Кикиритки
Кикириките, дури и во мали количини, можат да предизвикаат сериозни алергиски реакции, кои можат да бидат опасни по живот. Децата почесто од возрасните имаат алергии на кикирики, некои ги губат со текот на времето, но има и такви кои мора да го избегнуваат доживотно. Во повеќето случаи, алергиската реакција ќе стане очигледна само неколку минути по контакт со кикирики, а итна медицинска помош треба да се обезбеди во случај на отекување на грлото, отежнато дишење, пад на крвниот притисок, забрзан пулс, вртоглавица, губење на свеста. .
Риба
Алергијата на риба може да предизвика многу сериозни реакции, дури и ако претходната реакција била блага, а има многу чувствителни луѓе кај кои алергиите ќе се појават само на мирис или допир на риба. Симптомите се движат од таканаречениот орален алергиски синдром, при кој мукозните мембрани во устата и грлото почнуваат да боцкаат или отекуваат неколку минути до неколку часа по изложувањето, до анафилактичен шок проследен со отежнато дишење и циркулаторен колапс. Луѓето кои се алергични на риба може да бидат алергични на сите, или само на некои видови риби.
Школки и морски плодови
Со алергии на школки, реакциите се брзи и обично започнуваат неколку минути до еден час по консумирањето, па ако мислите дека чувствувате оток на лицето, усните, јазикот, грлото, гушење, болки во стомакот, вртоглавица веднаш по оброкот – посетете лекар веднаш. Оваа алергија е одвоена од алергијата на риба – ако сте алергични на риба, школките можеби нема да бидат проблем, меѓутоа, доколку сте имале реакција на школки, важно е да ги избегнувате сите видови на морска храна. Тука спаѓаат школки, ракчиња, остриги, јастози, но и лигњи и октопод. Овој тип на алергија може да се појави на сите возрасти, но е почест кај возрасните.
Јаткасти плодови
Алергиските реакции на јаткастите плодови може да се движат од благи (чешање, насолзени очи и болки во грлото) до опасни по живот. Исто така, можете да бидете алергични само на еден вид, или на неколку од нив, а ако алергологот не утврдил што точно ви пречи – паметно е да ги избегнувате сите јаткасти плодови. Тоа се ореви, бадеми, лешници, индиски ореви, бразилски ореви, ф’стаци, пекан… „Забраната“ важи и за производи како бадемово масло или путер од ф’стаци. Во некои случаи, симптомите ќе се појават за неколку минути и ќе бидат сериозни, во други може да поминат 30 минути до неколку часа пред да ги почувствувате симптомите.
Пченица
Иако алергијата на пченица често се меша со целијачна болест, ова се две различни состојби кои се дијагностицираат поинаку и имаат различни симптоми. Целијачната болест предизвикува абнормален имунолошки одговор на глутенот, кој е еден од протеините кои се наоѓаат во пченицата, не предизвикува моментални симптоми, но предизвикува долгорочно оштетување на цревата.
Симптомите на алергија на пченица обично се развиваат по неколку минути контакт со пченица и се слични на оние предизвикани од други алергии на храна (коприва или осип, иритација на устата и грлото, гадење и повраќање, дијареа, назална конгестија, отежнато дишење). Ако сте алергични, секое изложување на пченични протеини ќе предизвика имунолошки одговор – ова вклучува леб, тестенини и житарки, но исто така и кечап, сладолед, пиво, соја сос, месни производи како виршли или филета, па дури и некои козметички производи.