Државјанин на Холандија, кој станал татко на повеќе од 500 деца низ целиот свет преку донирање сперма, доби судска забрана да престане да донира семе на клиниките.
Мажот е задолжен да им се обрати на сите клиники во странство и да побара да ги уништат сите примероци од неговото семе кои можеби ги имаат складирано, со исклучок на дозите кои се резервирани за родители кои веќе имале деца од него како донатор.
Судската пресуда предвидува и казна од 100.000 евра за секое идно зачнување.
Граѓанската тужба против 41-годишниот Холанѓанец ја поднела фондација која ги застапува интересите и на децата од донорот и на родителите кои го користеле мажот како донатор. Основа за тужбата им бил фактот дека со продолжувањето на донирањето од страна на Холанѓанецот, се нарушило правото на приватност на неговите деца чија слобода да формираат романтнични врски е сериозно загрозена од стравот за ненамерен инцест и зачнување деца меѓу блиску роднини.
Масовните донации на сперма на мажот веќе биле во фокусот на холандската јавност во 2017 година. Тогаш му било забрането да продолжи да донира во клиниките за плодност низ Холандија, каде што е татко на повеќе од 100 деца.
Но, тој продолжил да донира во странство, вклучувајќи ја и данската банка за сперама „Криос“, која работи меѓународно. Мажот продолжил да се нуди и на интернет-сајтови за парови кои бараат донатор. Понекогаш употребувал различни имиња.