Серхио Перез славеше на трката за Големата награда на Саудиска Арабија што се возеше во Џеда, користејќи ја шансата по освоената пол позиција што му се укажа, откако поради дефект на менувачот за време на квалификациите, неговиот тимски колега и актуелен шампион, Макс Ферстапен стартуваше од 15 место.
Главен конкурент на Перез беше Алонсо, кој стартуваше како втор, но на стартот ја поведе трката. Сепак, стјуардите на ФИА му изрекоа казна, бидејќи при стартот, неговиот болид не бил соодветно позициониран на стартната позиција. Алонсо мораше да „стои“ пет секунди во боксот, но притоа еден од механичарите кој бил задолжен за подигање на задниот дел на болидот при менување на гумите, продолжил да си ја врши својата работа, пристапувајќи му на болидот на Астон Мартин.
Ова предизвика нова жалба од Мерцедес, па ФИА го казни Алонсо со дополнителни 10 секунди, со што трофејот за третото место отиде кај Џорџ Расел. Но, Астон Мартин вложи жалба на таквата одлука и тврдеше дека механичарот не преземал никаква конкретна акција и не го нарушил мирувањето на болидот за време на издржувањето на казната, односно не го подигнал болидот (иако пристапил со алатот). Четири часа подоцна, ФИА соопшти дека ја поништува претходната казна и го враќа Алонсо на третото место, што е негов јубилеен стоти пласман на подиумот во кариерата.
Макс Ферстапен имаше тежок напредок од 15 место, но со добро промислена стратегија успеа да напредува во првата половина на трката меѓу првите десет, за потоа кога поради еден инцидент беше аплицирано возило за безбедност, да дојде веднаш зад ривалите и во финишот да се пробие до второто место и да го постави најбрзиот круг на трката за дополнителен поен.