EXCLUSIVE MK
Македонија НАСЛОВНА

Пожарите кај Пехчево и Делчево и натаму се шират и загрозуваат повеќе села

Србија, Бугарија, Словенија и Австрија досега испратија помош во луѓе и возила за гаснење на пожарите во Македонија, кои и утрово се активни во повеќе општини. Ситуацијата и натаму е најкритична во делчевско-пехчевскиот крај и од Центарот за управување со кризи (ЦУК) кажаа дека на овој пожар ќе му се посвети најголемо внимание во текот на денот. Овој пожар во меѓувреме се проширил и кон Беровско.

„Активен е пожарот во Делчево, кој заедно со оној во Пехчево се третираат како едни од најголемите во Македонија. Таму се загрозени повеќе села, а огнот се префрла и кон високите планински сртови на Голак. За денеска се најавени ветрови од 70 километри на час, што е многу тешко за нас“, рече Горан Стојковски од ЦУК.

Три хеликоптери се вклучени во гаснењето на овие пожари, а еден дејствува кај кумановското село Бељаковце, за да се заштити тамошниот стар манастир.

Од ЦУК велат дека утрово во 4:30 часот бил локализиран пожарот кај селото Богословец, кој почнал да се движи кон Штип. Во меѓувреме, ветерот го променил правецот на огнот накај Карбинци и на тој терен реагира и армијата.

Под контрола се пожарите во околината на Велес, Охрид, Прилеп и Валандово, како и седум од осумте пожари во Кумановско, каде што е активен само оној кај Бељаковце. Од ЦУК велат дека очекуваат и тој да биде ликвидиран во текот на денот. Веќе два дена има активни пожари во општините Ранковце и Крива Паланка, каде што во гаснењето помагаат 60-ина припадници на АРМ.

Во Скопско вчера имало 18 пожари, од кои 17 се комплетно изгаснати. Активен е само пожарот кај Сарај, кој се спуштил од тетовското село Желино и зафати дел од Јасен. Од ЦУК велат дека пожарот во Јасен е изгаснат, но постои опасност повторно да се активира.

Стабилна е ситуацијата со пожарите крај три села во околината на Кавадарци, каде што постоела опасност огнот да се префрли на Кожув.

„Во оваа тешка ситуација не сме оставени сами. До синоќа, Србија испрати три хеликоптери, Бугарија 25 пожарникари и шест возила, Словенија 45 лица и 11 возила, а Австрија испрати тим од 140 лица, 16 возила за гаснење пожари и 24 камиони. Најавена е помош и од други држави“, кажаа од ЦУК.

Извор: Сакам да кажам

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Зошто вежбањето некогаш предизвикува качување на килограмите?

Angela

ФОТО: Сопругата на Федерер ги воодушеви фановите со новата боја на коса и витката линија

Angela

ЌЕ КУПИ ДВА СТАНА ЗА САМО ТРИ МЕСЕЦ РАБОТА – исплива вртоглавата цена за еден настап на Ана Николиќ, пејачката заработува „солена цифра“ за една ноќ (ФОТО)

Angela