Во светот пред десетина години е промовиран нов начин на исхрана, наречен „baby led weaning“ што во превод значи – да се остави бебето само да јаде цврста храна, наместо да го хранат родителите со пасирана храна и со лажичка. Колку и да звучи чудно, ова е мошне корисно и успешно.
БЛВ („baby led weaning“ – BLW) е начин на исхрана при кој мајката на детето не седи покрај него и го храни со пасирана храна со лажичка, туку го остава самото со прстиња да зема цврста храна и да ја јаде. Овој начин на исхрана настанал како резултат на проучување на однесувањето на бебињата на возраст од 7-8 месеци, кои имале постари браќа и сестри. Стручњаците забележале дека тие деца во сè ги имитираат постарите деца, па и во јадењето. Наместо да чекаат мајката да ги нахрани, тие со прстињата земале од чинијата на постарите браќа и сестри и јаделе. Притоа тие со еднакво задоволство јаделе овошје, месо,
зеленчук и житарки.
Зошто БЛВ стана популарен?
Во осумдесеттите години од минатиот век лекарите ги советувале мајките да почнат со воведување сокчиња и овошни кашички во бебешката исхрана од третиот месец. Со оглед дека не може тримесечно бебе самостојно да јаде, да џвака или да фаќа храна, логично мајките ги хранеле со кашичка, додека ги
држеле во полуседната состојба. Но, при крајот на 90-тите години стручните лица од СЗО почнале да апелираат бебињата да не јадат ништо освен мајчино млеко до навршени 6 месеци, а цврста храна да се воведе на седум месеци.
Причината е што дури по 6 месеци бебињата имаат добро развиен дигестивен систем, а освен тоа тогаш можат да седат и подготвени се да јадат храна. Исто така, во овој период бебињата можат со прстињата да фаќаат предмети и да ги контролираат движењата. Суштината на овој начин на исхрана е дека таа не се пасира, туку се гмечи со виљушка или се сече на мали парчиња.
Предности на ваквиот начин на исхрана
Доктор Џил Репли, која повеќе од 35 години работи како педијатар и стручњак за исхрана при УНИЦЕФ, го застапува ваквиот начин на исхрана. Според неа, ова покажало дека бебињата полесно се вклопуваат во семејната атмосфера, не одбиваат нови вкусови и јадат разновидна храна, брзо учат да џвакаат и да ја дробат храната со непцата, а подоцна и со забите. За нив тоа е одлична можност да го проучат изгледот, вкусот, текстурата и мирисот на храната и да воочуваат разлики.
На почетокот кога се нуди ваква исхрана, бебињата ја фаќаат со цела рака, ја цицаат и ја лижат без разлика дали е варена брокула или печено јаболко. Подоцна учат да ја стават во уста, да ја џвакаат и да ја голтнат. Затоа на почетокот треба храната да биде исечкана на кругчиња (морков и слично) или да има дршка за да може да ја фати бебето со цела рака (цвет од брокула, карфиол и сл.). Со текот на времето бебето сè повеќе ќе јаде цврста храна и ќе се намалува неговата потреба за цицање односно пиење млеко од шишенце. Бебињата што вака се хранат, ретко плачат, негодуваат и одбиваат храна. За нив ова е забавна игра.
Маани на ваквиот начин на исхрана
Бројот на производи што се соодветни за ваквиот начин на исхрана е мал со оглед на возраста на бебињата, а кои притоа се погодни за термичка обработка и ќе го задржат обликот за да може бебето да ги фати со прстињата. Затоа советот е да им се даде малку изгмечена храна што ќе можат да ја фатат. При ваквиот начин на исхрана се создава и голем неред, но тоа се решава со ставање мушама под столчето на бебето.
Друга работа што ги загрижува родителите е опасноста од задушување. Но стручните лица советуваат дека бебето како што знае колку силно треба да повлече кога цица млеко или го пие од шишенце, тоа ќе знае и колку храна може да стави во устата, а да не се задуши. Сепак, никогаш не треба да го оставите без надзор додека јаде. Овој начин на исхрана не се препорачува за предвреме родени бебиња, односно кај нив може да се воведе подоцна, а не на 6-7 месеци од раѓањето.