Угостителот Адо Кампеол, кого италијанските медиуми го нарекоа „таткото на тирамисуто“, почина на возраст од 93 години.
Кампеол беше сопственик на „Alle Beccherie“, ресторан на северот на Италија, каде што познатиот десерт всушност го осмислиле неговата сопруга и готвачот.
Десертот, кој оригинално се состои од кекс натопен во кафе и маскарпоне, ставен е во нивното мени во 1972 година, но семејството никогаш не го патентирало. Оттогаш стана незабиколен дел од италијанската кујна кој го прифатија готвачите ширум светот.
Постојат долги спорови за потеклото на тирамисуто, вклучувајќи ги и тврдењата дека се служел како афродизијак во бордел во Тревизо, град на северот од Италија. Меѓутоа, општо прифатено е дека рецептот е осмислен во ресторанот на Кампеол во истиот град.
Лука Зала, гувернер на регионот Венето, беше оние кои први му одадоа почести на Кампеол, твитнувајќи дека градот „загуби уште една ѕвезда во историјата на својата кујна и виното“.
Ресторанот „Alle Beccherie“ семејството Кампеол го отворило во 1939 година, а Адо Кампеол ја преземал работата со него кон крајот на Втората светска војна.
Според Роберто Лингваното, готвачот кој учествувал во осмислувањето на рецептот, десертот бил резултат на случајности додека приготвувале сладолед од ванила. Тој во сад со јајца и шеќер ставил маскарпоне и откако го забележал пријатниот вкус на оваа мешавина, ѝ го кажал тоа на Алба, сопругата на Кампеон.
Подоцна двојката сопружници го усовршила десертот додавајќи пишкоти натопени во какао, нарекувајќи го Тиреме Су (Tireme Sù).
Десертот се појавил во 1981 година во магазинот Veneto, локален весник посветен на храната и виното, а денес е еден од најпознатите италијански рецепти.
Варијантите на тирамисуто содржат алкохоли, како рум или марсала, но оригиналниот рецепт кој го сертификуваше Италијанската кулинарска академија во 2010 година, е без алкохол и може да го јадат и децата.