Ова е последната седмица од работата на законодавниот дом пред почетокот на кампањата за локалните избори – период за кој спикерот Џафери најави дека Собранието нема да заседава, освен ако има потреба од итна седница, а со цел говорницата да не се користи за предизборен маркетинг
Новата 51. пленарна собраниска седница, која требаше да почне денеска во 11 часот, е одложена претпладнево, без образложение и единствено со посочување дека дополнително ќе има информација за нејзиното одржување. Пратеници од опозицијата велат дека не знаат зошто е откажана седницата и дека за тоа биле известени само преку порака, без да се наведат причините.
Од друга страна, пратеници од мнозинството велат дека и денеска, уште од утрото, имало несогласувања со опозицијата, прво на седницата на Комисијата за труд и социјална политика, на која расправата за измените на Законот за работни односи (за недела неработен ден), наводно, се претворила во дебата во која се барале оставки од членови на Владата.
Паралелно е откажана и седницата на Комисијата за европски прашања, на која требаше да се разгледуваат неколку закони означени со европско знаменце.
Ова е последната седмица од работата на законодавниот дом пред почетокот на кампањата за локалните избори – период за кој спикерот Талат Џафери најави дека Собранието нема да заседава, освен ако има потреба од итна седница, а со цел говорницата да не се користи за предизборен маркетинг.
Вчера имаше „кошкања“ и на седницата на Комисијата за политички систем, поради тоа што предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители бил пуштен во процедура со европско знаменце.
(ВИДЕО) Тензична комисиска седница во Собранието за законот за Академија за судии и обвинители
ВМРО-ДПМНЕ најави неодамна дека ќе ги блокира сите закони за кои ќе оцени дека се злоупотребува европско знаме само за да се олесни процедурата за нивно донесување.
Собранието, минатата недела, постигна консензус единствено за одржување итна 52. седница за донесување на измени на Изборниот законик, кои беа изгласани со двотретинско мнозинство, среде изборен циклус, односно 12 дена пред почетокот на кампањата. Ден претходно, беше прекината 50. седница, откако опозицијата ја напушти салата затоа што не беше ставен на дневен ред предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за разрешување на министерот и на заменик-министерот за здравство.
На седницата што требаше да почне денеска, Собранието требаше да почне да ги разгледуваа предлог-одлуката за испраќање припадник на Армијата во меѓународната операција на ЕУ во Босна и Херцеговина, дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, предлог-законот за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и во железничкиот сообраќај. На дневен ред на оваа седница се и предлог-законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, предлог-законите за граѓанска одговорност за навреда и клевета и за адвокатурата, предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик. На оваа седница пратениците треба да ги разгледаат и предлог-законите за просветната инспекција, за јавните набавки, за ловството.
Комисијата за европски прашања, пак, денеска требаше да расправа за предлог-законот за заштита на физички лица во врска со обработката на лични податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење кривични дела, предлог-законите за адвокатурата, за граѓанската одговорност за навреда и клевета и за Академијата за судии и јавни обвинители и предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
Од тоа дали Собранието ќе заседава уште еднаш пред почетокот на кампањата зависи и дали ќе биде донесен законот за работни односи, за од 1 октомври недела да се смета за неработен ден во повеќето дејности, како термин што е одреден како почетен за оваа новина со предложеното законско решение.