Најновата, трета генерација ќе биде лансирана со неколку конвенционални мотори, но и електрифицирани погони – а за прв пат добиваме и електричен X1 во форма на iX1.
Ајде прво за конвенционалниот модел – новиот X1 ќе биде лансиран во неколку различни изведби. Основната е BMW X1 sDrive18i со 1.5-литарски турбо бензинец кој испорачува 136 коњски сили и 230 Nm кон предните тркала. Над него е X1 xDrive23i кој користи 2-литарски турбо-бензинец за да испорача 204 коњски сили и 320 Nm вртежен момент – но овој пат кон сите тркала.
Понудата на дизелите ја сочинуваат X1 sDrive18d кој комбинира 2-литарски турбодизел кој испорачува 150 коњски сили и 360 Nm вртежен момент кон предните тркала. Врв на дизелската понуда е xDrive23d кој исто така користи 2-литарски турбодизел, но кон сите четири тркала испорачува 197 коњски сили и моќни 400 Nm вртежен момент. Инаку, без разлика кој погон ќе го одберете – сите доаѓаат со 7-брзински Steptronic автоматски менувач, а кај двете помоќни верзии тој доаѓа со интегриран 48-волтен лајт-хибриден систем.
За оние кои сакаат електричен погон, новиот iX1 (кој ќе биде достапен од Ноември) комбинира електромотор кој испорачува 313 коњски сили и 494 Nm вртежен момент со батерија со капацитет од 64.7 kWh, која пак овозможува автономија од 413 до 438 километри според WLTP мерењата. Во Ноември ќе пристигнат и плаг-ин хибридни X1 xDrive25e и X1 xDrive30e кои ќе имаат 245 односно 326 системски коњски сили и благодарение на батеријата ќе можат да поминат до околу 90 километри на електрична енергија.