7
Многу големи европски градови и натаму немаат доволно широка инфраструктура за повеќето нивни жители да можат безгрижно да преминат на електрични возила. Додека не се направат полначи во поголем број, бројот на електрични автомобили можеби нема да расте брзо како што би можел, па руските претприемачи осмислиле преодно решение.
Стартапот “L-Charge” претставил подвижен полнач на батерии. Нивното решение е електрично комбе кое во товарниот простор има генератор на електрична енергија, а со приклучување на електрично возило може да работи како било кој стационарен брз полнач и на просечно возило да додеде и до 400 километри автономија за само 10-тина минути.
“L-Charge” мобилниот полнач работи на чисти горива, компресиран природен гас, водород или на нивната најисплатлива комбинација, во зависност од цената на енергенсите.
Секое такво комбе во текот на еден ден може да наполни до 48 автомобили, генерирајќи 1.440 kWh електрична енергија. За да се користат неговите услуги, потребно е да се инсталира посебна мобилна апликација, која служи и за наплата.
“L-Charge” во септември оваа година добил 1,5 милиони евра за својот проект, а моментално се во потрага по партнер кој би можел да произведе околу две илјади вакви комби-полначи за една година.
Своите мобилни полначи веќе ги претставиле на саемите и изложбите ширум светот, а планот за комерцијализација е најблиску до остварување во Лондон, каде првите мобилни полначи би можеле да дојдат во текот на 2022. Цената на едно возило со вграден полнач ќе биде околу 200.000 долари.