Дваесет часа по трагедијата која однесе 14 животи нема ниту еден конкретен одговор, како избувна пожарот, зошто и кој е одговорен. Филипче најави одговорност и оставки од него и подредените во зависност од резултатите на истрагата. Модуларните болници се безбедни вели министерот
СКОПЈЕ – Министерот за здравство Венко Филипче, 20 часа по трагедијата во тетовската модуларна болница, каде загинаа 14 лица, се појави на прес-конференција за да даде детали за случајот, но не одговори прецизно речиси на ниту едно прашање кое му беше поставено од страна на новинарите.
Филипче изрази сочувство до семејствата, ја повика јавноста да не се шират дезинформации и изјави дека модуларните болници биле градени по современи стандарди. На најголемиот број прашања, министерот за здравство се повикуваше на истрагата, вклучително и на прашањето за тоа дали ќе даде оставка.
„Од одговорност не бегам, но ќе инсистирам и ќе чекам да заврши истрагата. Со оглед на тоа дека има потреба од менаџирање на дел од пациентите, завршување на обдукционите наоди и слично, по завршување на истрагата ќе ја донесам одлуката дали ќе поднесам оставка“, изјави тој.
Според официјалните податоци во болницата во моментот на трагедијата имало 26 пациенти, двајца лекари и четири медицински сестри. Четиринаесетте жртви се на возраст од 29 до 79 години. Прежиеваните 12 пациенти се хоспитализирани во тетовската болница и се во стабилна состојба.
Изјавите на очевидци но и на граѓани се дека во модуларната болница во Тетово често имало цивили кои биле придружници на заболените. Станува збор за членови на семејството кои дополнителено се грижеле за своите најблиски. Тоа е најстрого забрането и е кршење на сите Ковид протоколи, а вчера во моментот на пожарот во модуларната болница имало две такви лица.
Министерот Филипче најави дека овие наоди, кои се потврдени со изјави на граѓани, ќе ги испитува Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ) и додаде дека со системот на ротации во секој момент имало доволно медицински персонал во болницата. Разрешување на директорот на тетовската болница засега не му е во план.
„Еве сега со вакцинацијата има укажување од лекарите во Тетово дека со сертификати за вакцинација ги пуштале да ги посетат пациентите, не да ги чуваат, и со менаџментот на кадарот, и лекари, сестри, болничари и помошно-технички персонал, сето тоа е изменаџирано, како во рамките на секоја од болниците, така и во рамките на целата територија во државата, за што систем на ротација се прави помеѓу различни јавни здравствени установи“, изјави министерот.
Систем за детекција на чад, систем за гасење на пожар не е познато дали има во модуларните болници и ако нема зошто го нема.
Од јавно достапните фотографии при поставувањето на модуларната болница во Тетово се гледа дека во подот се поставени високозапалливи материјали.
На прашањата околу техничките спецификации на модуларната болница во Тетово, и останатите 18 идентични низ државата,министерот не даде ниту еден прецизен и конкретен одговор. Иако истрагата не е завршена како што инсистираше во одговоритетопката ја префрли и кај раководството на тетовската болница.
„При изградбата на болницата запазени се сите сторги стандарди и постапки. Како и на кој начин е одржувана и раководена болницата по примопредавањето треба истрагата да потврди“, рече тој.
Интерниот увид, според него, покажал дека сите вградени материјали имаат сертификат, АТЕСТ за електрична, водоводна и канализациска инсталација кои биле контролирани од акредитирана фирма која повторно повикувајќи се на истрагата не ја откри исто како и записникот од техничкиот прием на модуларната болница.