EXCLUSIVE MK
ВЕСТИ Македонија НАСЛОВНА

Целосно вакцинирано 35 проценти од населението, 38 отсто со една доза

Во текот на вчерашниот ден направени се 1.529 тестирања, а регистрирани се 111 нови случаи на Ковид-19. Починати се 15 лица, сите во болнички услови, а оздравени се 165 лица.

Согласно податоците од Министерство за здравство, 35 проценти од популацијата во државата примила две дози вакцина, додека според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана барем со една доза.

Резултатите од нова француска студија покажуваат дека вакцинацијата против Ковид-19 го намалува ризикот од хоспитализација и смрт за 90 проценти кај луѓето постари од 50 години и се чини дека е ефикасна против Делта варијантата на вирусот.

-Ова значи дека вакцинираните луѓе имаат девет пати помал ризик за хоспитализација или смрт од Ковид-19 отколку невакцинираните луѓе, изјави за АФП епидемиологот Махмуд Зуреик, кој ја предводи научната група Епи-Фаре.

Во студијата се наведува дека од 14-тиот ден по втората доза на вакцината „забележано е намалување на ризикот од хоспитализација за повеќе од 90 проценти”

Истражувањето е направено според податоци од 11 милиони вакцинирани лица, постари од 50 години споредбено со податоци за 11 милиони невакцинирани лица во иста возрасна група, во период од 27 декември 2020 година до 20 јули 2021 година.

Ова истражување се однесува само на вакцините Фајзер/БиоНТек, Модерна и АстраЗенека. Во Северна Македонија се достапни Фајзер/БиоНТек, што е дозволена и за лицата од 12 години и АстраЗенека, која е достапна за лицата над 60 години.

Комитетот за имунизација препорача трета доза „Фајзер” не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од Ковид-19, поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести. Податоците од Министерството за здравство покажуваат дека до 9 октомври трета доза примиле 782 граѓани.

Оваа недела се очекува да започне и тестирање на 8200 ученици од основните и средните училишта. Тестирањето ќе се одвива по случаен избор од регистарот на Е-дневникот и е во согласност на нивните родители.

Скринингот е предвиден да трае пет дена, а дневно да бидат тестирани по околу 1600 деца, во самите училишта од мобилни екипи. Тестирањето во средните и основни училишта, како што појаснуваат надлежните се одвива се со цел да се добие податок за евентуална трансмисија на вирусот во училиштата.

Во училиштата вакцинирани се околу 75 отсто од наставниците, додека настава на далечина следат околу два проценти од учениците, според податоците на Министерството за образование и наука.

Најмногу активни случаи има во Скопје, 3550, Куманово е на второ место со 612 активни случаи и на трето место е Тетово со 187.

Досега во земјата се направени вкупно 1.324.894 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-19 дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 195.002, бројот на оздравени
пациенти е 181.196, на починати е 6.849, а на активни случаи изнесува 6.957. ки/са/

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Медведев го сруши сонот на Ѓоковиќ со триумфот на УС Опен

Angela

Потресна исповед на турска актерка: Татко ми ме силуваше, мајка ми не ми веруваше

Angela

Пад на каметите на кредитите и на депозитите

Angela