Белорускиот суд изрече пресуда со која Алес Бјалјатски, еден од добитниците на Нобеловата награда за мир во 2022 година, ќе биде упатен на одработување затворска казна од 10 години.
Бјалјатски, кој е основач на организацијата „Вјасна“ во Белорусија, беше во притвор уште кога му беше укажана честа со доделувањето на наградата, на почетокот од октомври 2022 година.
Тој и три други лица од Центарот за човекови права „Вјасна“ се осудени за финансирање антивладини протести. Тие беа уапсени и затворени по масовните протести поради изборите во 2020 година кои му дадоа на претседателот Александар Лукашенко нов мандат на функцијата, која ја држи од 1994 година.
Неговите поддржувачи ги отфрлаат обвинувањата како политички мотивирани, бидејќи од организацијата се обидувале да им обезбедат финансии на политичките затвореници, како помош за нивните трошоци околу одбраната.
Покрај Бјалјатски, лауреати во изборот за Нобеловата награда за мир во 2022 година беа и руската организација „Меморијал“ (која е затворена во Русија) и украинскиот Центар за граѓански слободи.
– Луреатите на наградата за мир го претставуваат граѓанското општество во нивните земји. Тие долги години го промовираат правото за критикување на моќта и заштита на основните права на граѓаните. Тие направија извонредни напори да ги документираат воените злосторства, злоупотребата на човековите права и злоупотребата на моќта. Заедно тие го демонстрираат значењето на граѓанското општество за мирот и демократија,- рекоа од комитетот за доделување на Нобеловата награда.
Фото: Викмедиина ризница