Неименуван 36-годишен машиновозач од јапонската железница е суспендиран бидејќи отсуствувал три минути од кабината, додека брзиот воз се движел со брзина од 150 километри на час, помеѓу реоните Атами и Мишима, во југоисточна Јапонија, известува медиумот „Кјодо“.
Тој се соочува со дисциплинска мерка, исто како и кондуктерот, кој седел во седиштето во кабината, но не управувал со возот, ниту бил лиценциран за тоа, се додава во истата статија.
На сослушувањето, возачот изјавил дека не се сеќава што точно се случило, освен дека почувствувал силни болки во стомакот. Возачот во своја одбрана дополнил дека не застанал на некоја постојка, бидејќи не сакал да предизвика застој.
Но, според јапонската железница, возачите кои не се чувствуваат добро за време на патување, треба да се пријават преку оперативниот центар. Потоа, тие треба или да го сопрат возот на најблиската постојка, или пак да го задолжат лиценцираниот кондуктер како замена.
По истражувањето на случајот, јапонските железници го доставиле суспендирањето на машиновозачот до Министерството за инфраструктура, транспорт и туризамот. Од институцијата изјавиле дека жалат за случајот.
– Ова е екстремно непристојно. Се извинуваме,- изјавил Машахиро Хајатсу, извршен директор на компанијата за време на прес-конференција.
За случајот се открило по жалба за доцнење на возот, кој пристигнал на дестинацијата една минута подоцна. Јапонскиот јавен превозен систем е познат по својата прецизност, но возачите велат дека се под голем притисок.