EXCLUSIVE MK
ВЕСТИ Македонија НАСЛОВНА

Денес е голем и тежок празник – Митровден

„Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден”. Овој празник меѓу народот е познат како Митровден (Митроен) и се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар.

Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна поговорка: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден”.

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари и тн., но и селски старешини одборници, коџобаџии и тн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија, Митровден е домашен празник, се чекаат гости, се месат лебови, се к оле к ypбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко, како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Мит’р“ среде Пирин.

Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

Антон Поп Стоилов забележал дека во Мариово, собир имало во с. Манастир кај црквата „Св. Димитрија“, а на овој ден панаѓур правеле и селата Бзовиќ, Старавина, Градешница и Груништа.

Марковиот манастир во близината на Скопје е посветен на Свети Димитрија и во него има циклус фрески од животот на овој светец. Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ, свети Димитрија го празнувале и Турците под името Касим.

Во овој крај до овој празник го собирале бериќетот од полето за после да ги пуштат говедата без чувар (ајмана). Исто така цел ден се одело на лов касимавна-митровденски лов. На овој ден вечерта, на овчарите, воловарите измеќарите и сл. им се приредувала вечера и им се исплаќала заработувачката за изминатиот период.

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен”. На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало”.

Во некои краишта на Македонија, во народното верување овој ден се смета за празник на глувците. Во Кумановско, на пр. се вика „глушчов д’н” и тогаш не се работи за да не го јадат глувци житото и брашното.

Според верувањето тогаш и не се буричка во брашното и не се дава заем за да не го разнесуваат глувците. Истото верување во минатото е забележано и во Битола. Но, на овој ден се саделе овошки и лози зашто се верувало дека сигурно ќе се фатат. „Какво (дрво) да се насади на тој д’н, ќе се фане и ница” се вели во Кумановско.

Во Гевгелиско, како што запишал Стефан Тановиќ св. Нестор се сметал за лесен празник. Се верувало дека тој бил помлад брат на свети Димитрија и бидејќи бил посиромав не успеал да се прослави како него поради што и помалку се празнува. За свој покровител го имале мајсторите (ѕидарите).

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Како да познаете дека лажe?

Angela

Водолијата полна со енергија, нов почеток на Ракот

Angela

Хороскоп за 26ти ноември

Angela