EXCLUSIVE MK
Македонија

Катица Јанева ќе бара одложување на затворската казна

Поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева ќе бара одложување на издржувањето на седумгодишната затворска казна, најавува нејзината одбрана откако вчера Апелацискиот суд ја потврди првостепената судска пресуда за случајот „Рекет“ во кој освен Јанева беше осуден и Бојан Јовановски познат во јавноста како Боки 13, со што пресудата стана правосилна.

Нејзината адвокатка, Ирена Фрчкоска за „Фокус“ вели дека ќе поднесат вонреден правен лек до Врховниот суд, но и дека кога ќе го добијат упатниот акт, ќе побараат одложување на издржувањето на затворска казна. Сепак, Фрчкоска се уште не може да каже врз основа на што ќе бараат одложување бидејќи пресуда се уште ја немаат официјално добиено и веста за одлуката ја слушнале од медиумите.

Адвокатот на Јовановски, Сашко Дуковски не одговори на нашите телефонски повици за да одговори на прашањето дали ќе бараат одложување на издржувањето на затворската казна.

Според процедурата, Апелација треба да ја достави пресудата до Кривичниот суд, а судија за извршување на санкции да им испрати упатен акт на осудените за тоа кога да почнат да ја издржуваат затворската казна. Тие имаат право на поднесување на вонреден правен лек до Врховен, кој нема да го одложи издржвањето на затворската казна, а по добивањето на упатниот акт имаат право да побараат одложување на издржувањето на затворската казна.

Двајцата осудени се во домашен притвор, а од Кривичниот суд најавуваат соопштение за тоа каква е процедурата за издржувањето на казната затвор конкретно за овој случај.

Инаку за случајот „Рекет“ Бојан Јовановски е осуден на 9 години затвор, а Катица Јанева на 7 години затвор. Боки 13 е осуден за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а поранешната шефица на СЈО, Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластување. Обвинителството го гонеше Јовановски дека земал 1,5 милиони евра од бизнисменот Орце Камчев, за да заедно со Јанева го спасат од кривичен прогон за случајот „Империја“ кој го отвори СЈО. Во случајот обвинет беше и Зоран Милевски Кичеец, кој по признание на вина беше осуден на три години затвор. Главен сведок во случајот „Рекет“ беше Камчев кој сега исто така е во притвор и му се суди за „Плацевите на Водно“, случај кој е дел од големата истрага „Империја“.

Апелацискиот суд ја носи пресудата по повеќе од една година од изречената првостепена пресуда која беше соопштена на 18 јуни минатата година, а обвинението за случајот беше поднесено на 10 октомври 2019 година.

МОЖЕБИ ЌЕ САКАТЕ ДА ПРОЧИТАТЕ И ЗА ...

Денеска е Трето наоѓање на главата на Св. Јован Крстител

Angela

ДЕНЕСКА Е ВЕЛИКИ ЧЕТВРТОК: Почнуваат велигденските празнувања

Angela

Сеќавање: 58 години од скопскиот земјотрес

Angela