Иако долго се „шушкаше“ кој би можел да биде новиот фронтмен на „Парни ваљак“, бендот конечно официјално ја објави информацијата за музичарот кој ќе го замени легендарниот Аки Рахимовски.
Бендот на својот веб сајт ја објави веста за премиерата на својата нова песна „Моја глава, мои правила“ со пејачот Игор Дрвенкар, која за првпат ќе биде пуштена на радио станиците низ регионот и на нивниот канал на Јутуб во четврток, 23.3. во 12:00 часот. Со тоа потврдија дека отсега ќе настапуваат со пејачот Игор Дрвенкар, 31-годишен пејач кој хрватската јавност веќе го знае од емисијата „А страна“.
Игор пееше во различни бендови, а се испроба и во неколку мјузикли, меѓу кои „Jesus Christ Superstar“, „Resurrected“ и „Beauty and the Beast“. Претходно се шпекулираше дека Игор ќе биде новиот фронтмен на бендот, но бендот дури денеска ги потврди гласините.
Инаку, легендарниот музичар Аки Рахимовски почина минатиот јануари на 67-годишна возраст.
Првата постава ја сочинуваа: Аки Рахимовски (вокал, пијано), Хусеин Хасанефендиќ Хус (соло гитара, акустична гитара, вокал), Среќко Антониоли (тапани), Златко Микшиќ – Фума (бас гитара) и Јурица Паѓен (соло гитара , акустична гитара).
Во својата 30-годишна кариера, „Парни ваљак“ објави 16 студиски албуми, 14 синглови, 5 албуми во живо, 4 компилации, како и 2 концертни ДВД-а.
Фото: Silverije, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons