Што е Меланом (Melanoma Malignum)?

Малигниот меланом е најтешката форма на рак на кожата. Тој се развива во меланоцитите, клетки локализирани во базалниот слој на епидермисот кои произведуваат меланин, пигмент кој ја одредува бојата на кожата. Малигниот меланом покрај на кожата може да се појави и на слузокожата (на пример, орална слузница, носна празнина,  аногенитална регија или внатрешни органи), око и централниот нервен систем.

Меланомите се разликуваат по големината, обликот и бојата (обично се пигментирани) како и по нивната склоност за инвазивност и метастазирање. За разлика од другите форми на рак на кожата, меланомот може лесно и брзо да се шири во далечните делови на телото, каде продолжува да расте при тоа уништувајки го зафатеното ткиво.

Ризикот од појавата на меланом може да се намали со ограничување на изложеноста на кожата на сонце и со избегнување и некористење на солариум. Исто така, важно е да се препознаат предупредувачките знаци на рак на кожата со цел навремено откривање на канцерогени промени на кожата, како и нивно лекување. Колку е помала продорноста на меланомот во кожата, толку е поголема веројатноста за излекување.

Околу 40 до 50 отсто од меланомите се развиваат од пигментирани бенки.

Постојат четири главни форми на малигниот меланом:

Lentigo maligna melanoma

Lentigo maligna melanoma сочинува 15 проценти од сите меланоми. Најчесто настанува од т.н. Hutchinson дамки или малигнен меланом in situ. Се појавува на лицето или во други регии од телото кои се изложени на сонце, како асимптоматски рамна светло кафена до кафена, макулозна промена со неправилен изглед и дијаметар од 2 до 6 cm или како точкести црни неправилно распоредени дамки  на површината. Почесто се јавува кај постарите лица.

Површинско- растечки меланом

Површинско- растечкиот меланом сочинува околу две-третини од сите меланоми. Се појавува најчесто на нозете кај жените и на градите кај мажите. Промената е обично во форма на плака, со неправилни елевирани, индурирани  светло-кафеани или кафени ареи, на кои често се наоѓаат црвени, бели, црни или сини дамки или мали, понекогаш избочени сино-црни нодули.

Нодуларен меланом

Нодуларниот меланом сочинува 10 до 15 проценти од сите меланоми. Може да се појави во било која регија на телото во форма на темна, избочена папула или плака чија боја може да варира од бисерна до сива и црна. Понекогаш промената може да биде пигментирана или без пигмент или да наликува на тумор на крвните садови. Пациентите  со оваа дијагноза имаат лоша прогноза, поради рапидниот раст на овој тип на меланом.

Акрален лентигинозен меланом

Акралниот лентигинозен меланом е многу редок, а се јавува на кожата на табаните, дланките или под ноктите.

Кои се причините за појава на меланом?

            Меланомот  се јавува кога настанува нарушување во клетките кои произведуваат меланин, меланоцитите, кои ја детерминираат бојата на кожата. Нормално, клетките на кожата се развиваат контролирано и на уреден начин – здравите нови клетки ги поттурнуваат постарите клетки кон површината на кожата, при што на тој пат постепено се намалува нивната физиолошка активност и функционалност, на површината одумираат и на крајот се одлупуваат . Но, кога во некои од клетките настане оштетување на ДНК молекулата, новите клетки може да започнат со неконтролиран раст и да се создаде група на канцерогени клетки.

Не е познато поради што настанува оштетување на ДНК во клетките на кожата и како тоа нарушување доведува до појава на меланома. Се смета дека е голема веројатноста да  комбинација од повеќе фактори предизвикува меланом, вклучувајќи ги  животната средина и генетските фактори. Се верува дека главната причина за појавата на меланом претставува УВ зрачењето од сонцето и светлата за сончање и солариумите.

Фактори на ризик за појава меланом

Фактори кои може да го зголемат ризикот за појава на меланом се:

Светол тен ( Fitzpatrick skin type I / II )  - Ако имате помалку пигмент (меланин) во кожата, значи дека заштитата од штетните УВ зраци  е помала. Ако имате руса или црвена коса, светли очи и лесно настануваат пеги на кожата или лесно горите на сонце, поголема е веројатноста и можноста да добиете меланом отколку кај луѓето со потемен тен. Сепак, меланом може да се развие и кај лицата со потемна боја на кожата, на пример, лица од латино и црната популација,

Историја за претходни изгореници на кожата – Доколку во детстка возраст или како тинејџер сте добиле една или повеќе тешки изгореници на кожата, ризикот за развој на меланом во зрелата возраст се зголемува,

Прекумерна изложеност на ултравиолетова (УВ) светлина – Изложувањето на УВ зраците од сонцето или од солариум го зголемува ризикот од рак на кожата, вклучувајќи и меланом,

Лица кои живеат во близина на екваторот или на големи надморски височини - Луѓето кои живеат во близина на екваторот, каде сончевите зраци паѓаат вертикално, се изложени на поголемо количество на УВ зрачење  од оние кои живеат подалеку од екваторот. Покрај тоа, ако живеете на повисока надморска височина, изложени сте на посилни УВ зраци,

Бројни бенки или необични по форма бенки - Ако имате повеќе од 50 обични бенки на телото, ризикот од меланом се зголемува. Исто така, ако имате необичен тип на бенки, ризикот од меланом повторно се зголемува. Во случај да имате синдром на диспластичен невус дополнително се зголемува ризикот за меланома,

Меланом како позитивна фамилијарна историја на болест - Ако близок роднина, на пример родител, дете, брат или сестра, имал меланом, можноста да се јави меланома кај вас е зголемена,

Ослабен имунолошки систем/ Имуносупресија - Лицата со ослабен имунолошки систем се изложени на зголемен ризик од рак на кожата. Ова ги вклучува лицата со ХИВ / СИДА и лица каде е извршена трансплантација на некој орган.

Знаци и симптоми на меланом

          Меланомите најчесто се развиваат во региите од телото кои се изложени на сонце, како што се грбот, нозете, рацете и лицето. Но, меланома исто така може да се развие и во региите кои не се често изложени на сонце, како што се стапалата (табаните), дланките и ноктите. Овие скриени меланоми се почести кај лицата со потемен тен.

Знаци кои ни укажуваат на меланом:

• пигментирана (особено црна или темно сина) бенка или бенка/промена која се зголемува,

• промени во бојата на постоечките бенки, особено ширење на црвена, бела и сина пигментација во околното ткиво,

•промени во карактеристиките на кожата над пигментираните бенки, како што се промени во цврстината или формата,

• знаци на воспаление на кожата која го опкружува претходно постоечката бенка.

Меланом не секогаш се појавува на бенка. Постои можност да се појави и на кожа со нормален изглед.

Нормални бенки

Нормалните бенки  генерално имаат издначена пребоеност, на пример, жолтеникаво-кафена, кафена или црна боја, изразени рабови кои јасно ги ограничуваат од околната кожа. Претежно се со овален или елипсовиден облик со дијаметар помал од 6 mm.

Кај поголем број луѓе бројот на нормални бенки се движи од 10 до 40,  кои главно се јавуваат до четириесетата година од животот. Иако изгледот на бенките може да се менува со тек на времето, некои од нив со стареењето може и да исчезнат.

Невообичаени бенки кои укажуваат на меланом

Карактеристиките на необичните бенки кои укажуваат на меланом или други форми на рак на кожата се определуваат по мнемоничкото правило  ABCDE , развиено од страна на Американската Академија за Дерматологија:

• А (Asymmetrical Shape)  асиметрична форма – бенката е со неправилна форма,

• B (Border) неправилни рабови - бенката има неправилни и назабени (цик-цак) рабови,

• C ( Color ) боја/ пребоеност – промената/ бенката има повеќе бои или нејзината пребоеност не е рамномерна 

• D( Diameter)  дијаметар – бенка која е поголема од 6 mm,

• Е ( Evolution)  еволуција/ промена на бенката - промени кои може да се јават по извесен временски период, на пример бенка, која со тек на времето расте или ја менува пребоеноста и формата, и бенка кај која по некое време се јавуваат нови знаци и симптоми како што се јадеж и секрет – крвав најчесто.

Други сомнителни промени на бенките се:

• перутање/ присуство на лушпи,

• јадеж,

• ширење на пигментот од бенката во околната кожа,

• појава на секрет / крварење.

Прогнозата на канцерогените (малигни) бенки е различна. Кај некои бенки се јавуваат сите  горенаведени  промени, додека други може да имаат само една или две од сомнителните карактеристики.

Дијагностика на меланома

Понекогаш меланом може да се открие едноставно, со дермоскопски преглед на кожата, но единствен начин за точно поставување на дијагнозата е биопсија и патохистолошко проследување ( земање примерок на ткиво, негова обработка и микроскопска евалуација) .  Малите израстоци во потполност се отстрануваат  хируршки  (ексцизиона биопсија), додека кај оние со големи димензии се зема само еден мал дел од сомнителни израстоци (инцизиона биопсија). Во двата случаи, биоптичниот материјал се упатува на патолог, кој микроскопски го проследува ткивото и типот на клетките.

Терапија и третман на меланома

Лекувањето на меланом во ран стадиум обично подразбира хируршко отстранување на меланом. Иако на сите дерматолошки симпозиуми секогаш се дискутира за ширината и длабочината на рабовите на екцизиониот материјал , најголемиот дел од стручните лица од областа на дерматолошка онкологија се сложуваат со тоа да промена која има дебелина помала од 1 mm треба да се отстрани со латерална ширина на незафатена кожа од 1 см. Кај подлабоките промени може да биде потребен радикален хируршки третман и биопсија на најблиските дренажни лимфини јазли. Во таков случај покрај хируршката интервенција се препорачува и неопходно е да се примени и дополнителна терапија  - хемотерапија, зрачна терапија / радиотерапија и биолошка терапија (имунотерапија).

Експериментални терапии за меланом

Моментално се спроведуваат бројни клинички испитувања на нови терапевтски протоколи во третман на меланом. Лекарите ги користат клиничките испитувања за да се утврди колку новиот терапевтски пртокол е безбеден и ефикасен. Лицата кои доброволно се пријавуваат во клиничките испитувања имаат можност да искусат терапија во развој, иако при тоа самото излекување не е загарантирано, па често пати не се познати ниту можните несакани ефекти.

Превенција на меланом

Во многу случаи, појавата на меланом може да се спречи ако се придржуваме кон следниве едноставни мерки на претпазливост:

     • Избегнување на пладневното сонце - Избегнувајте сонце кога зрачењето е најсилно. За повеќе региони на земјата тоа е периодот од 10 часот наутро до17 часот попладне. Имајки во предвид дека во тој период сончевите зраци се најинтензивни, се препорачува активностите на отворен простор да се планираат во други временски интервали од денот, па доколку е можно и во зимски период или кога е облачно времето. Треба да се потенцира дека ние,односно нашата кожа, ги апсорбира УВ зраците во текот на целата годината и дека облаците овозможуваат слаба заштита од штетните зраци.

     • Употреба на препарати со заштитен фактор во текот на целата година ( крема, лосион, спреј ...) – Во консултација со дерматолог, изберете препарат со заштитен фактор  според типот на вашата кожа и секако според сезоната во која сте. Препораките за нашето климатско поднебје се во насока да во зимските месеци, кога е мал бројот на денови со сончева инсолација, се употребуваат препарати со најмалку 15 заштитен фактор (SPF 15) во градска средина. Доколку сте љубител на зимските спортови и практикувате престој на планина и снег, се препорачува употреба на крема за лице со заштитен фактор 50/50+. Во пролетните месеци кога веќе се зголемува бројот на сончеви денови препораката е за препарати со заштитен фактор 30, а од месец мај до месец септември и задолжителна употреба на препарати со СПФ 50+.  Нанесете обилно количество од препаратот на сите изложени места на кожата, вклучувајќи ги и устата, ушните школки, дорзалниот дел на дланките и страничниот и заден дел од вратот. Нанесувањето на препаратот со заштитен фактор се препорачува да биде 20 до 30 минути пред изложувањето на сонце,како и негово реаплицирање / повторно нанесување на секои 2 часа.  Важно е да се потенцира дека реапликацијата на препарат со заштитен фактор треба да се направи по пливање или вежбање/ тренинг на отворен простор,

     •Носете заштитна облека – Препаратите за заштита од сонце не обезбедуваат потполна заштита од УВ зраци. Затоа, носењето на  заштитна облека изработена од густа ткаенина која ги покрива рацете и нозете, шешир или шапка со широк обод, кои овозможуваат подобра заштита од спортско капче или штитник за сонце (шилд) е исто така во листата на превентивни препораки. Некои производители продаваат фотопротективна облека и костими за капење не само за деца туку и за возрасна популација. Не заборавајте на очилата за сонце. Изберете ги оние кои обезбедуваат заштита од од двата типа на зрачење - УВА и УВБ зраци,

     • Избегнувајте солариум – Солариумите  емитуваат УВ зрачење кое може да го зголеми ризикот за развој на рак на кожата.

     • Самопреглед/Познавајте ја својата кожа како би можеле лесно да ги воочите нејзините промени- Прегледајте  ја својата кожа со цел да знаете каков е нејзиниот нормален изглед. На овој начин лесно ќе ја забележите секоја промена на кожата. Употребувајте огледало при самопрегледот на кожата на лицето, вратот, ушите и косата. Не заборавајте да го прегледате целото тело- торзото, горните и долните делови на рацете и дланките, преден и заден дел на нозете, стапалата, вклучително и табаните и кожата помеѓу прстите на нозете. Со исто внимание направете самопреглед и во гениталната регија.

Доколку забележите било какви промени на кожата ВЕДНАШ закажете преглед на дерматолог!

Лош шеф: Како да се справите?

Сите мечтаеме да имаме добар шеф, кој ќе нè мотивира, ќе ни помага и ќе нè инспирира. Но, не сме сите толку големи среќнички. Ако и вие наидовте на лош шеф, пред да отворите војна со него, потребно е да разберете која е причината за неговото лошо, несоодветно однесување.

ЗОШТО ВАШИОТ ШЕФ Е ЛОШ?

Со лошиот шеф треба да се справите на правилен начин.

Некои шефови се лоши по природа, дури и во својот приватен живот. Многу често тие имаат проблеми во односите со другите луѓе и се чувствуваат несреќни. Сакаат да доминираат над другите и секогаш се потсмеваат со вработените кои се „под нив“.

Има и такви шефови кои не сакаат да бидат лоши. Често тие не осознаваат дека предизвикуваат дополнителен стрес кај своите вработени. Дури сметаат дека сè што прават е правилно и дека се добри лидери.

За да ја изберете точната стратегија за справување со вашиот шеф, потребно е да знаете што го предизвикува неговото несоодветно однесување, со кое си ја заслужува етикетата „лош шеф“.

Унапреден поради погрешни причини. Многу често во нашата држава се случува да добиете шеф, кој воопшто нема познавања од областа во која работи и не знае како треба да биде добар лидер. Политичките или роднинските врски си го прават своето, а вие лесно можете да завршите со неподготвен шеф, кој се прави нешто што не е.

Отсуство на фидбек. Многу шефови не знаат многу работи, затоа што никој не се осудува да им ги каже. Овој тип шефови не сакаат да слушаат совети или препораки од своите вработени, а со тоа ја уништуваат комуникацијата и не добиваат фидбек. Тие сметаат дека се добри лидери и дека не треба ништо да променат, затоа што никој им ја нема кажано вистината.

Намалување на комуникацијата „лице во лице“. Во денешно време, најголем дел од комуникацијата во фирмите се прави по електронски пат. Кога вашиот шеф сака да ја зголеми комуникацијата, тој праќа почесто e-mail. Отсуството на директен контакт, создава бариера во разговорите и разбирањето. Таа грешка на шефовите, води до нивен лош однос со вработените.

Микроменаџмент. Вашиот шеф сака да биде дел од секој детаљ и секоја одлука во компанијата, без разлика колку незначајна е таа. Можеби тоа е поради некој негов пропуст во минатото, кој не сака повеќе да си го дозволи. Затоа сега постојано „ви виси над главата“ и се разлутува секогаш кога ќе пропуштите да го информирате за нешто.

Лош карактер. Некои шефови едноставно се лоши и во нивниот професионален и во нивниот личен живот. Тие уживаат кога има некој над кого имаат авторитет и власт и го искористуваат тоа. Овој тип на шефови се најлоши, затоа што дури и да се претставувате најдобро, тие никогаш нема да бидат задоволни и да го променат однесувањето кон вас.

Постојат уште многу различни причини, кои го прават вашиот шеф лош, но сега поважно е да научите како да се справите со тој проблем.

5 секс факти за мажите

Фантазира ли тој за вашата згодна пријателка? Зошто наутро неговиот најдобар пријател е толку возбуден? Може ли да се оствари најлошиот машки сон – фрактура на пенисот?

Во продолжение следуваат одговорите на овие и уште неколку прашања за мажите и сексот.

Неговата мастурбација... може ли да е штетна? Мажите обожаваат да се самозадоволуваат и сите го прават тоа. Не му верувајте на маж кој тврди дека не мастурбира. Некои го прават тоа поретко, а други се задоволуваат и неколку пати дневно. Честото мастурбирање нема да има негативен ефект врз неговото здравје, но може да има врз вашиот љубовен живот. Мажите кои често се самозадоволуваат потешко постигнуваат оргазам кога се со својата партнерка.

Утринската ерекција... дали е резултат на еротски сон? Мажите произведуваат најмногу тестостерон наутро. Повеќето од нив се будат со еректиран пенис и тоа не значи дека ги сонувале ангелите на Victoria’s Secret. Ерекцијата може да биде последица на влажен сон, но не е задолжително. Просечниот маж може да има до 6 ерекции во текот на спиењето, кои најчесто траат од 20 до 50 минути. Неговата утринска ерекција е показател дека тој е здрав и дека произведува нормални количества тестостерон.

Пенисот... може ли да се скрши? Пенисот не е коска, но можно е да се скрши. Тоа најчесто се случува за време на многу агресивен сексуален однос. Во таков случај потребна е лекарска интервенција, бидејќи тоа може да доведе до трајна еректилна дисфункција.

Пенетрација, фелацио или стимулација со рака? Претпоставувате дека стимулацијата со рака нема да му донесе најголемо задоволство. Вашите техники тешко ќе успеат да бидат толку пријатни како тактиките што ги користи кога се самозадоволува, бидејќи тој најдобро знае што му е убаво, а што не. Оралниот сексможе да го однесе во облаците, но ништо не може да му достави толкаво задоволство како пенетрацијата.

Сексуални пози... има ли омилена? Не му го скратувајте задоволството што го носи кучешката поза. Мажите обожаваат да се одназад, но и најголем дел од жените немаат ништо против. Кучешката поза носи обострано задоволство. На мажот затоа што му нуди длабока пенетрација и чувство за доминација и контрола, а на жената затоа што овозможува подобра стимулација на Г-точката.

Астрологија и здравје? - Што открива месецот на раѓање за вашето здравје

Истражување спроведено од научници од Универзитетот „Колумбија“ укажува на врскате меѓу месецот на раѓање и човековото здравје.

Експертите тврдат дека токму месецот на раѓање има влијание на развојот на некои болести. 

Доктор Николас Татонети, професор на Медицинскиот центар на Универзитетот „Колумбија“, со својот експертски тим, гп истражувал влијанието на месецот на раѓањето врз развојот на некои болести.

Тие проучувале медицински картони на над милион пациенти лекувани во Њујоршката презбитеријанска болница од 1985 до 2013 година. Резултатите од ова истражување се поклопуваат со тие од истражувањата кои биле претходно спроведени во Шведска, Данска и Австрија.

Експертите тврдат дека многу поголеми шанси да заболат од астма имаат луѓе кои се родени меѓу јули и октомври, а ризик за развивање на нарушувања кај хиперактивноста и дефицит на внимание има кај лица родени во ноември. 

Луѓето родени во март почесто добиваат аритмија, конгестивен застој на срцето и болести на срцевите комори. Добра вест за луѓето родени во мај е дека шансите да заболат од хронични болести се многу мали, за разлика од родените во октомври.

„Овие податоци ќе им помогнат на научниците да откријат нови фактори кои влијаат на развој на некои болести. Важно е сега луѓето премногу да не се вознемируваат поради овие резултати. Иако најдовме значајни врски, генерално гледајќи, ризикот за заболување е навистина мал. Посебно ризикот поврзан со месецот на раѓање во споредба со многу повлијателните фактори, како исхраната и физичката активност“, заклучува Татонети. 

Најчитани

Твитови